ЗАСАДЕНИ УШТЕ 500 ЗИМЗЕЛЕНИ САДНИЦИ НА БИТОЛСКИ КРКАРДАШ КОЈ ПОРАДИ ПОЖАРИ ОСТАНА БЕЗ БОРОВАТА ШУМА

    ЗАСАДЕНИ УШТЕ 500 ЗИМЗЕЛЕНИ САДНИЦИ НА БИТОЛСКИ КРКАРДАШ КОЈ ПОРАДИ ПОЖАРИ ОСТАНА БЕЗ БОРОВАТА ШУМАВо годинашната акција педесетина учесници, од млади до повозрасни, засадија 500 зимзелени садници од црн бор на потегот над црквата „Св. Четириесет маченици“ во месноста Кркардаш. (Фото: Диоген Хаџи-Коста Милевски)

    Петта година по ред, граѓанската иницијатива „Зелен Баир“ и Центарот за европски развој и интеграција се обидуваат преку пошумување на рекреативната зона Кркардаш да се врати некогашната борова шума која настрада во големите пожари во 2007 и 2011 на ридот Баир во Битола. И по скоро 16 години, некогашното белодробно крило на градот тешко заздравува од еколошката катастрофа.

    Во годинашната акција педесетина учесници, од млади до повозрасни, засадија 500 зимзелени садници од црн бор на потегот над црквата „Св. Четириесет маченици“ во месноста Кркардаш. Во изминатите 4 години беа засадени повеќе од 1.000 садници од кои дел веќе се зафатија и го раззеленуваат просторот.

    „Главната цел на иницијативата е обновување на опожарениот зелен појас што ќе води кон подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, ублажување на ефектите од климатските промени. Дополнително значење на акцијата е едукацијата на најмладите кои од мали нозе се учат за природата и заштита на животната средина“, рекоа организаторите.

    Садниците ги набави приватна компанија од Битола која исто така и се вклучи во пошумувањето.

    За пожарите кои нанесоа огромна штета беа осомничени три момчиња, од кои две малолетни, кои палеле отпад. Нема информации дека некој завршил во затвор за палење на ридот.

    Во 2007 година изгореа 200 хектари шума на Кркардаш, а ваква катастрофа се повтори и во 2011. Во големите пожари кои проголтаа 1.000 хектари шумска површина во Битолско имаше една жртва. Додека беснееше огнот, во ромската населба се роди и женско бебе. Ѝ дадоа име Пламенка.

    Според Светската здравствена организација, за одржување на јавното здравје на граѓаните потребно е парковско зеленило со минимална површина од девет квадратни метри по жител. Според ГУП од 1999 година, во Битола има само 4,8 квадрати парковско зеленило по жител или половина од пропишаниот минимум, покажа истражувањето на регионалното географско друштво „Геосфера“, кое го реализираше проектот „Разбудете ја екосвеста во себе“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира