ОТКАКО ЈА ПРЕСЕЛИЈА ВО ПОМАЛИ ПРОСТОРИИ, ТЕТОВСКАТА БИБЛИОТЕКА Е ПРОГЛАСЕНА ЗА БИБЛИОТЕКА НА ГОДИНАТА

    ОТКАКО ЈА ПРЕСЕЛИЈА ВО ПОМАЛИ ПРОСТОРИИ, ТЕТОВСКАТА БИБЛИОТЕКА Е ПРОГЛАСЕНА ЗА БИБЛИОТЕКА НА ГОДИНАТАПризнанието „Библиотека на годината“ Тетовската библиотека го доби по повод нејзиниот патронен празник. (Фото: СДК.МК)

    По четири недели интензивна работа, во која илјадници книги беа префрлени од старите во новите, помали, простории, тетовската Градска библиотека „Кочо Рацин“ повторно започна со работа. Таа и сега е сместена во Центарот за култура „Иљо Антески Смок“, но влезот не е на главната улица туку од позади на Центарот.

    „Во овие 4 недели 18-те вработени во библиотеката префрлија над 82.000 книги. Најголемиот дел од фондот е сместен во новите простории, а мал дел, од околу 16.000 книги како архива е сместен во Центарот за култура. Таму се оставени постари и поретки изданија. Денес завршивме со целосно преместување. Со издавање книги на читателите делумно започнавме да работиме од минатата среда, но само во една смена, а од денес веќе работиме во две смени од 8 до 19 часот“, вели в. д. директорката Елизабета Трпчевска-Петрушевска.

    Тетовската библиотека беше приморана да ги напушти постоечките простории, бидејќи Министерството за култура ѝ ги додели на Делегацијата на Европската унија која сакала да има канцеларии во Тетово.

    Дека Библиотеката „Кочо Рацин“ од Тетово е навистина значајна и квалитетна библиотека зборува и признанието „Библиотека на годината“, кое го доделува Библиотекарското здружение на Македонија и се врачува во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“, кое ѝ е доделено по повод нејзиниот патронен празник.

    „Аплициравме за првпат годинава и на наше големо задоволство добиено е признание за големиот број активности кои, и покрај преселувањето, беа реализирани во текот на годината“, вели директорката Трпчевска-Петрушевска.

    Тетовската библиотека има 5.300 активни читатели, а дневната фреквенција е од 300 до 500 читатели.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира