Европската Унија предупреди дека постои голем ризик од терористички напади во претстојниот празничен период. Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон кажа дека поларизацијата на општеството предизвикана од војната помеѓу Израел и Хамас го зголемила ризикот од насилство.
Ова следува неколку дена откако германски турист беше убиен во нападот кај Ајфеловата кула во Париз. Нападот беше извршен од 26-годишник со иранско потекло кој неодамна се приклонил кон Исламска држава.
Јохансон не откри дали некои специфични информации стојат зад нејзиното предупредување.
„Видовме деновиве во Париз, а за жал, видовме и порано“, кажа таа.
Слично предупредување дојде и од германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер, која кажа дека будно следат закани и пропаганда кои го зголемија ризикот од радикализација. Во Германија беше уапсен 20-годишен Ирачанец зашто планирал напад со нож на божиќен пазар во Хановер.