ПРИТВОР ОД 30 ДЕНА ЗА ТАТКОТО НА ВАЊА И ТРОЈЦАТА ОСОМНИЧЕНИ ЗА УБИСТВАТА

    ПРИТВОР ОД 30 ДЕНА ЗА ТАТКОТО НА ВАЊА И ТРОЈЦАТА ОСОМНИЧЕНИ ЗА УБИСТВАТАТаткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка. (Фото: Принтскрин од видео)

    Притвор од по 30 дена добија таткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска од Скопје, Александар Ѓорчевски, и уште тројца осомничени поврзани со грабнувањето и убиствата на Вања и на велешанецот Панче Жежовски, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

    „Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје за определување мерки притвор против 4 лица кои во текот на вчерашниот ден беа спроведени во судот, а поврзани со грабнувањето и убиството на малолетната В.Ѓ. од Скопје и убиството на велешанецот П.Ж., ценејќи ги приложените факти и исказите на обвинетите во однос на предлогот за притвор донесе решенија со кои го прифати предлогот на Јавниот обвинител. Па така на В.М., В.К., Б.В., и А.Ѓ. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од чл. 165. ст.1, точки 1,2 и 3 од ЗКП. односно опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание на сведоци и повторување или сторување ново кривично дело“, соопшти Судот.

    Краткотраен притвор од 48 часа доби и вчера приведениот 46-годишен скопјанец С.Д. кој се сомничи дека му помогнал на првоосомничениот за убиствата Љупчо Палевски – Палчо да избега во Турција.

    Палевски вчера беше уапсен во Турција, а денеска македонското Министерство за правда треба да поднесе барање за екстрадиција.

    Таткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка. Како што доцна синоќа соопшти Основното јавно обвинителство Скопје, донесена е Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица. Четворица како соизвршители сториле две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик и две убиства на свиреп начин, едно на малолетно лице и едно од користољубие. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело – Грабнување на малолетно лице.

    „Постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил ‘цитроен’ за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените“, се вели во соопштението од Обвинителството.

    Како што велат од Обвинителството, на 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот „цитроен“

    Претходно синоќа, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски соопшти дека главниот осомничен, Љупчо Палевски – Палчо, кој бил креатор, планер, главeн координатор и директен извршител на грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, е фатен во Турција. Палевски се криел во турскиот град Баликесир и таму е лишен од слобода од турската полиција.

    Зборувајќи на вонредна прес-конференција, Спасовски рече дека е изготвена кривичната пријава на 100 страници. Пријавата е против пет лица за грабнувањето и убиството на Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.

    Спасовски рече дека МВР ја завршило работата и сега на потег е Обвинителството, при што остави простор истрагата и натаму да се проширува.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира