Мерна опрема е инсталирана на реката Вардар во рамките на проектот „Штит од поплави“, кој заеднички го спроведуваат Македонија и Грција. Опремата е поставена на стратешки точки во Гевгелија и Демир Капија и на тој начин се обезбедуваат информации и се следи нивото на водата, како и други клучни карактеристики за навремено да се реагира во случај на опасност од поплавување.
Проектот има за цел создавање на ефикасна меѓугранична соработка помеѓу Македонија и Грција за управување со ризикот од поплави во пограничната област Вардар-Аксиос. Тоа вклучува мапирање на ризични и ранливи места од поплави, размена на информации и податоци, како и развој на заедничка стратегија за меѓусебна помош и соработка во случај на поплава.
Вкупната вредност на проектот изнесува речиси еден и пол милиони евра, при што најголем дел од средствата е обезбеден од Европската Унија преку програмата Интерег-ИПА.