УЧЕНИЦИ ОД КАВАДАРЦИ Ѝ НАБАВИЈА НА БОЛНИЦАТА АПАРАТ ЗА КРВНИ АНАЛИЗИ КАЈ ДЕЦАТА

    УЧЕНИЦИ ОД КАВАДАРЦИ Ѝ НАБАВИЈА НА БОЛНИЦАТА АПАРАТ ЗА КРВНИ АНАЛИЗИ КАЈ ДЕЦАТААпаратот беше набавен од младите волонтери од ОУ „Тошо Велков Пепето“ и ОУ „Страшо Пинџур“ од Кавадарци, заедно со нивниот дисеминатор Даниела Лазовска. (Фото: СДК.МК)

    Волонтерите на Црвен крст од две кавадаречки училишта набавија апарат за анализа на крвта кај децата и вчера го предадоа на Општата болница во Кавадарци. Со него анализите на крвта кај малите деца и бебињата ќе се вршат со земање на примерок само од прст, а не од вена и резултатите ќе бидат готови за многу кратко време.

    Апаратот беше набавен во рамките на програмата ПХВ – Промоција на хумани вредности, од младите волонтери од ОУ „Тошо Велков Пепето“ и ОУ „Страшо Пинџур“ од Кавадарци, заедно со нивниот дисеминатор Даниела Лазовска, кои направиле истражување во болницата за приоритетни потреби и како резултат на тоа истражување, ваквиот апарат бил најнеопходен.

    „Овој апарат е биохемиски анализатор за мали деца за одредување на крвни анализи. Со овој апарат пристапот е неагресивен и така децата нема да се трауматизираат. Апаратот е значаен за секоја болница, не само за нашата. Бев изненаден пријатно како младите ги собрале средствата, од нивата инвентивност, креативност. Благодарност до нив и сите донатори кои учествувале со свои средства“ , кажа д-р Диме Коцев, директорот на Кавадаречката болница.

    Учениците посетиле неколку компании во Кавадарци, а на повикот се одѕвале „Машинокоп“ и „МИ-Комерц“, кои заедно со Советот на Општина Кавадарци и градоначалникот Митко Јанчев вкупно собрале 106.000 денари колку што чини овој апарат.

    „Волонтерите изработија свој проект, насловен ‘Капка крв’ и ‘Во лабораторија со насмевка’ неколку месеци собираа парични средства преку различни форми и активности, спортски натпревари, приредби во училиштата, изработка на прво априлски маски кои се продаваа на прво априлски пазар, изработија велигденски украси и продаваа на Велигденски пазар“, кажа Димитар Каракулев претседател на Општинскиот одбор на Црвен крст Кавадарци.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира