НИКОЛА ДИМИТРОВ ЈА ПРОМОВИРАШЕ ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА „ЗАМИСЛИ“

    НИКОЛА ДИМИТРОВ ЈА ПРОМОВИРАШЕ ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА „ЗАМИСЛИ“Во „Замисли“ се непартиски луѓе кои сакаат да ги подобрат состојбите во државата, без учество на избори; - Димитров со гостинот српскиот водител и сатиричар Зоран Кесиќ. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров синоќа во Скопје ја промовираше граѓанската, непартиска иницијатива „Замисли“. Иницијативата има собрано непартиски луѓе кои, како што кажаа на промоцијата, сакаат да ги подобрат состојбите во државата, без учество на избори.

    „Денеска е незамисливо да закажете преглед кај специјалист. Незамислива е борбата против корупцијата, зашто преку ноќ се менува Кривичниот законик, паѓаат крупни случаи на корупција. Денеска е незамисливо дете да запишеш во градинка без врски. Незамисливо е да дишеме чист воздух. Тешкозамисливо дека нашата држава може да оди напред”, кажа Димитров на промоцијата, на која беше и српскиот водител и сатиричар Зоран Кесиќ.

    Димитров зборуваше за состојбите во Србија, кажуваше како со мал спонтан протест од само 100 родители, може да се исправи една многу важна неправда кон педијатар, на пример во еден Дом на здравје.

    „Како може во Европа, на пример во Шведска да успева? Еве тука е шведската амбасадорка. Нашата мака е во системот! Има примери дека со граѓанско движење се поправило нешто. Не мора да е тоа преку избори. Сигурно во Србија има такви примери“, кажа Димитров.

    Тој инсистира ова да биде последно жалење од типот: „Ништо не можеме да смениме, не зависи од нас“ и слично.

    “Ѝ го должиме тоа на следната генерација. Должни сме да им оставиме еден попристоен старт. Зашто дел од луѓето кои ќе треба да ја носат промената, нема да бидат веќе дома“, рече Димитров.

    Според него, една мала победа, може да инспирира три други победи. За пример го претстави претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, кој заедно со колегите стана препознатлив пример за борба против непотизам, незаконско однесување, партиско вдомување во М-НАВ и разни обиди за злоупотреби од менаџментот.

    „Овој човек толку збори, што би било штета да остане надвор од политиката“, кажа Кесиќ.

    Логото на „Замисли“ е инспирирано од цвеќето пркос, кое расте во лоши услови, кажа Димитров.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира