Три македонски кореографки, Ивана Коцевска, Адријана Данчевска и Саша Евтимова, го поставија балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ , чија премиера е на 20 декември во Национална опера и балет (НОБ), на 100. роденден на поетот Ацо Шопов. Пред почетокот на претставата, во 19 часот ќе има свечено затворање на јубилејот кој се отвори во март оваа година во седиштето на УНЕСКО.
Идеен творец на овој мултимедијален проект е костимографот Александар Ношпал. Драматизацијата ја направи Соња Здравкова-Џепароска, која вели дека претставата се базира на циклусот „Молитви на моето тело“, кон кој е и приклучена песната „Раѓање на зборот“ и сите циклуси формираат една органска целина.
„Бидејќи секоја претстава која се пренесува во нов медиум бара потчинување на тие закони, оваа поезија е структуирана во три дела. ‚Раѓање’‚ е првиот дел кој се однесува на раѓањето на зборот, на раѓањето на телото, на раѓањето на идејата и секој од овие циклуси беше обоен во одредена боја бидејќи тоа некако органски мене ми се наметна како драматург, а целиот тим го прифати“, рече Здравкова-Џепароска.
Вториот дел е „Преплетување“. Тоа е, како што рече, преплетување или ткаеж, односно игра со зборови, со човечки тела и тука акцентот е ставен на тој дел, а бојата е пурпурно црвена. Третиот дел е „Вознесување“. Вознесување во една нова димензија, вознесување на телото, на идејата, на исчекорување надвор во некоја нова димензија.
Коцевска го работела првиот дел на музика на Дарија Андовска, Давчевска е авторка на вториот дел на музика на Александар Гроздановски, а Евтимова на третиот на музика на Александар Пејовски.
Во претставата играат Мими Поп-Алексова Атанасовска, Илијана Данилов, Наташа Трендафилова, Ангела Велевска, Ована Димковска, Меланија Гоцевска, Ангела Богатинова, Аманда Роча, Франциско Хименес Руис, Балаш Лочеи, Игор Веланоски, Ендру Кук, Веселин Трајковски и Алфред Јаго.
Сценографијата е на Михајло Стојановски, видеодизајнот и проекциите се на Флоријан Чанга, графиката и визуелниот идентитет го изработи Лазе Трипков. Работеа и Доријан Миловановиќ (филм), Јакуп Јакуп, Нино Митевски и Перо Марачков (дизајн на светло), а посебен гостин е актерот Никола Ристановски. Костимите се на Ношпал.
Репризата е на 22 декември.
Б. НЕСТОРОСКА