На избеганиот Никола Груевски му остана пресудата од 9 години затвор за предметот „Плацеви на Водно“.
Советот за казниви дела при Врховниот суд, на седницата одржана вчера на 20.12.2023 година, одлучувал по поднесено Барање од Никола Груевски, за вонредно преиспитување на правосилна пресуда по предметот КВП-КОК2-бр.16/23 познат во јавноста како „Плацеви на Водно“.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе Пресуда со која барањето на осудениот Н.Г. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.63/21 од 21.04.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.127/22 од 14.02.2023 година, го одби како неосновано“, вели Врховниот суд.
Груевски меѓу другото, побарал од највисокиот суд амнестијата на експретседателот Ѓорге Иванов да важи. Тоа е една од основите што ја навел тој во Барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда во „Плацеви на Водно“.
Ако биде екстрадиран или ако се врати своеволно во Македонија, тој ќе треба веднаш да оди во затвор.
Во март Апелациониот суд Скопје му ја зголеми казната од 7 на 9 години, а на неговиот обвинет братучед Сашо Мијалков, од затворска му ја преиначи во условна казна.
С. К. ДЕЛЕВСКА