Повеќе од 15 луѓе се убиени во денешното пукање на факултет во центарот на Прага, објави чешката полиција на прес-конференција.
Таа додаде дека нападот го извршил 24-годишник од село оддалечено 21 километар од Прага. Тој бил студент на Факултетот за уметности на кој се случи пукањето, а претходно е пронајден мртов и неговиот татко.
Полицијата веднаш по пукањето објави дека напаѓачот е елиминиран. Неговото безживотно тело е најдено на факултетот. Чешките сајтови објавија дека неговото име е Давит Козак.
„Веруваме дека тој бил инспириран од слични масакри што се случиле во странство. Нема никакви назнаки дека ова масовно пукање е поврзано со меѓународниот тероризам“, изјави шефот на чешката полиција Мартин Вондрашек.
Тој потврди дека се убиени 15 луѓе, а 24 се ранети, со напомена дека ова не се конечните бројки. Медицинските итни служби на Прага претходно кажаа дека деветмина од ранетите се во тешка состојба.
„Ова беше насилен напад со умисла“, изјави Вондрашек.