Македонскиот кандидат за Оскар „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски не влезе во потесната листа за номинација. На еден месец до објавувањето на номинациите за 96. Оскари, американската филмска академија синоќа ги објави потесните листи во 10 категории меѓу кои и за најдобар странски филм, за документарец и за документарен краток филм.
На потесната листа за странски филм се кандидати од 15 земји од кои на 23 јануари ќе бидат избрани пет номинирани. Меѓу нив се кандидатите од Ерменија „Американци“, од Бутан „Монахот и пиштолот“, од Данска „Ветена земја“, од Финска „Паднати лисја“, од Франција „Вкусот на нештата“, од Германија „Наставничка канцеларија“, од Исланд „Божја земја“, од Италија „Јас, капетанот“, од Јапонија „Перфектни денови“, од Мексико „Тотем“, од Мароко „Мајка на сите лаги“, од Шпанија „Друштво на снегот“, од Тунис „Четири ќерки“, од Украина „20 дена во Мариупол“ и од Велика Британија „Зоната на интерес“.
„Четири ќерки“ и „20 дена во Мариупол“ се и на потесната листа за номинација за најдобар документарец.
Номинациите за сите категории за Оскар ќе бидат објавени на 23 јануари, а доделувањето ќе биде на 10 март, во Театарот Долби во Холивуд.
Во 2020, „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов доби историски две номинации за Оскар, за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Во 1995 „Пред дождот“ на Милчо Манчевски беше првиот македонски филм со номинација за Оскар.
„Домаќинство за почетници“, е трет филм, а првиот македонски на македонско-австралискиот автор Горан Столевски. На 6 септември имаше светска премиера на 80. филмски фестивал во Венеција во програмата Хоризонти, имаше одлични рецензии и ја доби една од паралелните награди Квир лав. На 26 јануари ќе има кинопремиера во САД.
Столевски, кој е роден во Македонија, живее и работи на релација Австралија-Велика Британија. Лани неговото деби „Нема да си сама“ беше австралиски кандидат за најдобар странски филм за Оскар. Неговиот втор филм „Доволно возрасни“ играше првпат во Македонија летово на фестивалот Синедејс во Скопје.