По советничкото мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ во Битола изгуби и дел од претседателските места на комисиите во Советот на Општина Битола. Доцна синоќа, околу полноќ, советниците изгласаа промена на претседателите на шест комисии на Совето. На местата на советниците од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, изгласани се претседатели од Коалицијата на СДСМ и од редовите на Поинаку.
На челното место на Комисијата за спорт и млади на кое беше Зоран Петковски, сега е назначен Борче Корлевски од СДСМ. На местото на Бојан Бојковски во Комисијата јавни и комунални дејности поставена е Мирјана Захариевска-Ралевска од СДСМ. За претседателка на Комисијата за економски развој доаѓа Елизабета Тодоровска од Демократскиот сојуз на Власите, на местото на Лидија Павловска. На Комисијата за јавни дејности Јадранка Павловска од СДСМ наместо Марица Тодоровска, на Комисијата за урбанизам и заштита на животната средина Жаклина Наумовска од СДСМ на местото на Ѓорги Ѓоргиевски. Промени има и во Комисијата за туризам, која наместо Бојан Бојкоски во следниот период ќе ја води Иван Чулакоски од Поинаку.
Со ова, за првпат Комисиите за јавни и комунални дејности и урбанизам ќе ги водат жени.
Ж. ЗДРАВКОВСКА