Вооружениот напаѓач кој уби 14 лица на универзитет во Прага, во својата белешка пред самоубиството го признал претходното двојно убиство, соопшти чешката полиција. Белешката пронајдена во домот на Давид Козак содржи признание дека убил маж и негова ќерка во шума во близина на градот на 15 декември, шест дена пред нападот на Карловиот Универзитет.
Полицијата соопшти дека тој бил на списокот од 4.000 осомничени за нивните убиства. Козак го убил и својот татко, со што вкупниот број на жртви се искачи на 17. Нападот на универзитетот на 21 декември е најголемото масовно убиство во чешката историја. Козак, 24-годишен магистер по историја на универзитетот, се самоуби откако беше опколен од вооружена полиција.
Како што најпрво беше објавено во весникот „Деник Н“, белешката била откриена од полицијата во домот на Козак на 21 декември – истиот ден на нападот. Таа содржела признание дека една недела претходно застрелал двајца во шумата Клановице во источната периферија на главниот град. Според информациите на чешките медиуми, жртвите се 32-годишен маж и двомесечно девојче.
Детективите рекоа дека е „многу веројатно“ оти напаѓачот ги извршил и убиствата во Клановице. Ова подоцна беше потврдено од балистиката. Тие рекоа дека Козак бил на долг список на потенцијални осомничени со кои сакале да разговараат и изразиле жалење што не успеале да дојдат кај него порано.