ЕКО-ПАРКОТ НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ ЌЕ СЕ ИЗНАЈМУВА ОТКАКО ТРИ ГОДИНИ СТОИ ПРАЗЕН

    ЕКО-ПАРКОТ НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ ЌЕ СЕ ИЗНАЈМУВА ОТКАКО ТРИ ГОДИНИ СТОИ ПРАЗЕНИдниот корисник би требало до почне со работа најдоцна до 1 мај 2024 (Фото: СДК.МК)

    Еко-паркот со парк на авантури на езерото Младост ќе се изнајмува преку јавен повик. Оваа одлука ја донесоа членовите на Советот на Општина Велес на последната седница. Точката беше ставена на дневен ред како итна бидејќи се јавиле заинтересирани за изнајмување, но и да се избегне претстојниот процес на избори.

    „Еко-паркот и паркот на авантури ќе се изнајмуваат за период од 10 години. Јавното наддавање ќе биде по електронски пат. Идниот корисник би требало до почне со работа најдоцна до 1 мај 2024. Проценетата вредност на опремата во него е 133.592 денари. Ако остане вака како што е, тој ќе се оштетува, времето ќе го уништи. Ако веќе се јавуваат заинтересирани лица, треба да го понудиме на јавен повик“, кажа Петре Цилаков, раководител на сектор во Општина Велес.

    На прашање од советниците, Цилаков кажа дека едно лице дошло на разговори во Општината, а подоцна се јавило уште едно.

    Еко-паркот со паркот на авантури има повеќе содржини, наменети за туристичка понуда на езерото Младост. Се наоѓа на падините на овој рекреативен центар, кој е посетен не само од велешани, туку од бројни гости од Македонија и транзитни туристи. Поставени се и камп куќички каде што гостите можат да преноќат.

    Овој парк е дел од проектот „Паметно езеро Младост“, вреден еден милион евра, грант од ЕУ. Три години откако проектот заврши, паркот беше неискористен.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира