Мечот од турскиот Суперкуп помеѓу Фенербахче и Галатасарај во Саудиска Арабија беше одложен поради несогласување помеѓу клубовите и домашните власти. Натпреварот и официјално беше откажан 75 минути откако требаше да почне, додека илјадници фанови чекаа пред стадионот „Ал Авал“ во Ријад.
Турската фудбалска федерација (ТФФ) и двата клуба кажаа дека имало проблеми во организацијата, откако властите забранија да се внесуваат транспаренти кои се однесуваат на основачот на модерната турска држава Мустафа Кемал Ататурк.
„ТФФ и двата клуба донесоа заедничка одлука да се одложи мечот“, соопштија тие.
Беше најавено дека двата клуба ќе излезат на терен со транспарент со зборовите на Ататурк „Мир дома, мир во светот“, но саудиските власти не го дозволиле тоа. И на играчите не им беше дозволено да носат маици со ликот на Ататурк.
Ататурк беше првиот претседател на модерната Турција, од 1923 до смртта во 1938 и во тој период земјата доживеа целосна економска и социјална трансформација. Одлуката мечот да се игра во Саудиска Арабија беше жестоко критикувана во Турција, имајќи предвид дека оваа година се одбележуваа 100 години од основањето на модерната Турска Република.