Венеција ќе забрани мегафони и туристички групи со повеќе од 25 луѓе, во обид да го олесни масовниот туризам во градот. Новите правила ќе стапат на сила во јуни, соопштија градските власти.
„Употребата на мегафоните е забранета зашто создаваат конфузија и вознемирување“, појаснија од градот.
Венеција е еден од најпосетуваните градови во Европа и веќе некое време се бори со прекумерниот туризам. Во септември, градот најави дека ќе воведе влезници од пет евра за еднодневните туристи.
Венеција има големина од само 7,6 квадратни километри, но во 2019 година го посетиле 13 милиони луѓе. Се очекува бројот на посетители да ги надмине претпандемиските нивоа во следните години.
Во јули, УНЕСКО предупреди дека градот би требало да биде ставен на листата на загрозено светско наследство поради влијанието на климатските промени и масовниот туризам.