Русија потврди дека случајно бомбардирала село во јужниот руски регион Воронеж близу Украина. Инцидентот се случи истиот ден кога Русија изведе голем ракетен напад на Украина.
„На 2 јануари околу девет часот по московско време, за време на лет на нашите воздушни сили, се случи ненормално испуштање на авионска муниција над селото Петропавловка во регионот Воронеж. Немаше жртви“, соопшти руската војска.
Таа додаде дека во несреќата се оштетени шест приватни куќи.
„Во тек е истрага за околностите на инцидентот. Комисија работи на терен за да ја процени штетата“.
Гувернерот на Воронеж, Александар Гусев, изјави дека некои жители на селото, оддалечено 150 километри од украинската граница, се преселени во привремено сместување.
Најмалку пет луѓе загинаа, а речиси 100 се повредени во денешниот руски ракетен напад на Украина, чија мета беа и Киев и Харкив. Украинските власти кажаа дека во нападот биле користени и хиперсонични балистички проектили „кинжал“. Володимир Зеленски објави дека Русија испукала речиси 100 проектили од различен тип, од кои најмалку 70 биле соборени, речиси сите во областа на Киев.