ЧЛЕНОВИ НА ДУИ УПАДНАЛЕ ВО ЗГРАДАТА НА М-НАВ И НАПАДНАЛЕ КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ АЛБАНЦИ ЗАШТО ДАЛЕ ПОДДРШКА НА СИНДИКАТОТ ПРОТИВ ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА

    ЧЛЕНОВИ НА ДУИ УПАДНАЛЕ ВО ЗГРАДАТА НА М-НАВ И НАПАДНАЛЕ КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ АЛБАНЦИ ЗАШТО ДАЛЕ ПОДДРШКА НА СИНДИКАТОТ ПРОТИВ ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊАДодека претседателот на Синдикатот на контролори на летање даваше изјава за медиумите, зад него, како поддршка, застанаа сите контролори на летање. (Фото: СДК.МК)

    Веднаш по денешната прес-конференција на претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски и по заминување на новинарите, во зградата на М-НАВ упаднале членови на ДУИ од Чаир кои по вербална расправија и закани кон контролорите на летање, заедно со еден вработен во институцијата, физички нападнале дел од нив, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Неофицијално, групата што упаднала била лута затоа што и контролорите Албанци излегле надвор на прес-конференцијата и му дале поддршка на Тасевски. Еден од контролорите, кој бил на смена, бил удрен со бокс.

    Инцидентот бил пријавен во полициска станица во Петровец и полиција е дојдена да врши увид и да прави распит. За инцидентот се известени министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

    Контролорите на летање со кои разговаравме се фрапирани како насилниците воопшто влегле во М-НАВ и кој ги пуштил затоа што влегувањето во М-НАВ подлежи на строги контроли. Има две контроли – едната е пријавница на влез во дворот на М-НАВ каде што е сместена и контролната кула на Скопскиот аеродром, а втората е на влезот во самата зграда каде што пристап имаат само вработените со електронски картички.

    Кога ќе влезеш во кругот на М-НАВ практично имаш пристап до самата писта и до платформата каде што се паркираат авионите.

    Денешната прес-конференција на Синдикатот на контролори на летање се случи откако на последните огласи за вработување на М-НАВ, педантно срочени да траат само седум дена, со викендот 10, а беше договорено најмалку две недели, за да ги видат сите професионалци и да конкурираат, експресно беа примени без селекција десетина партиски луѓе.

    Претходно, во два наврати, Синдикатот на контролори на летање најави штрајк ако менаџментот на М-НАВ не престане со партиските вработувања, но и ги повика Антикорупциската комисија, Трудовата инспекција, а потоа и Финансовата полиција и Обвинителството да истражат во М-НАВ многу сомнителни постапки за вработување, за тендери, како и за реновирање гаража од 200 метри квадратни со скоро половина милион евра.

    Додека Тасевски зборуваше пред новинарите, едно службено возило се пробиваше во толпата контролори на летање и други вработени, свирејќи за да помине и да се паркира токму позади него додека траеше изјавата. (Фото: СДК.МК)

    Во знак на поддршка, големата група колеги кои излегоа додека ја даваше изјавата, го поздрави Тасевски со аплауз. Но додека тој зборуваше пред новинарите, едно службено возило се пробиваше во толпата контролори на летање и други вработени, свирејќи за да помине и да се паркира токму позади него додека траеше изјавата. Лицето било близок соработник на директорот Фахрудин Хамиди, назначен од него за началник на една од службите.

    Контролорите на летање цивилизирано се поттргнаа и му отворија пат додека тоа лице свиреше и упорно се пробиваше.

    По објавување на текстот, од полицијата соопштија дека „денеска (04.01.2024) околу 15.15 часот во ПО Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б. Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П. Б., Е. К. и Б. Р. (лица вработени во институцијата)“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира