ПО ИНЖЕНЕРИТЕ И ИНСТРУКТОРИТЕ, ОСТАВКИ ОД ДЕНЕС ВО М-НАВ ПОДНЕСУВААТ И 30-ТИНА КОНТРОЛОРИ НА РАКОВОДНИ ПОЗИЦИИ, СИНДИКАТОТ АЛАРМИРА ДЕКА Е ПОД ГОЛЕМ ПРИТИСОК

    ПО ИНЖЕНЕРИТЕ И ИНСТРУКТОРИТЕ, ОСТАВКИ ОД ДЕНЕС ВО М-НАВ ПОДНЕСУВААТ И 30-ТИНА КОНТРОЛОРИ НА РАКОВОДНИ ПОЗИЦИИ, СИНДИКАТОТ АЛАРМИРА ДЕКА Е ПОД ГОЛЕМ ПРИТИСОКТасевски најави дека Синдикатот нема да застане тука, до органите на откривање криминал ќе поднесат докази за незаконски дејства од менаџментот на Компанијата, предводен од директорот Фахрудин Хамиди. (Фото: СДК.МК)

    По оставките на раководните лица од инженерскиот и од инструкторскиот дел во М-НАВ односно во секторот за воздухопловна техника, поради последниот незаконски оглас во кој беа набрзина примени на работа 7 лица за инженери и инструктори без никаква селекција и критериуми, оставки денеска до директорот на Агенцијата Фахрудин Хамиди поднесуваат и над 20 контролори на летање.

    Како што најави на денешната прес-конференција претседателот на Синдикатот на контролори на летање (ССКЛ) Александар Тасевски, оставките се од раководните лица на секторите во Контролата на летање, при што најстрого ќе се внимава на запазување на стандардите и безбедноста на авиосообраќајот во и над Македонија.

    „Како прв чекор од нашето понатамошно дејствување, најавувам дека од денеска се започнува со депонирање на оставки на колегите контролори на летање од своите раководни и инструкторски позиции, повлекување од проектите на кои работат, а се со цел давање поддршка и на мене како претседател на ССКЛ, на досегашните и понатамошните активностите на Синдикатот, но и на колегите професионалци од техника кои ги дадоа своите оставки во петокот, но и во знак на осуда на постапките на дел од директорите на М-НАВ кои вршат притисок врз синдикалното делување но и врз нашите заложби за заштита на институцијата контрола на летање а преку тоа и на заштита на безбедноста во воздушниот сообраќај, за што не постои компромис“, кажа денеска Александар Тасевски, до кого додека даваше изјава стоеја колегите контролори, инженери, инструктори и други вработени во М-НАВ.

    Во знак на поддршка, големата група колеги кои излегоа додека ја даваше изјавата, го поздрави Тасевски со аплауз. Но додека тој зборуваше пред новинарите, едно службено возило се пробиваше во толпата контролори на летање и други вработени, свирејќи за да помине и да се паркира токму позади него додека траеше изјавата. Лицето било близок соработник на директорот Фахрудин Хамиди, назначен од него за началник на една од службите.

    Контролорите на летање цивилизирано се поттргнаа и му отворија пат додека тоа лице свиреше и упорно се пробиваше.

    Тие велат дека чувствуваат огромен притисок, особено откако вчера претседателот Александар Тасевски беше повикан во полиција по пријава од Хамиди и вториот директор, Хасим Дехари. Третиот директор, Љубе Стаменковски не е потпишан на приватната кривична пријава до полиција, тој веќе стави потпис за поддршка на инженерите и инструкторите кои си поднесоа оставки во петокот, во знак на револт од бутањето партиски и роднински, нестручни и непроверени кадри во воздухопловна техника, најважниот безбедносен сегмент во М-НАВ.

    „Протекоа некои информации и сметам дека вака најдобро е да ја известам јавноста. Во текот на вчерашниот ден бев телефонски повикан во секторот на насилен криминал при МВР, каде што ми беше презентирана пријава од страна на двајца од тројца директори, Фахрудин Мемеди и Хасим Деари. Кривичната е поднесена врз база на мејл кој е доставен до нив поради чувство на загрозена сигурност и безбедност. Содржината на тој мејл воопшто нема некакви ставки кои асоцираат на закани и живото-загрозувачки информации, а тенденциозно се интерпретираат погрешно за да ми се изврши притисок со намера да се откажеме од нашите активности. Преку мене и до Синдикатот на контролори на летање и до сите оние професионалнци кои покажаа доблест да го кренат својот глас и да ја заштитат професијата и да кажат стоп на оние нестручни вработувања“, рече синдикалецот на М-НАВ Тасевски.

    Тој смета дека последните чекори што се преземени од техничарите и инженерите да си дадат оставка од своите раководни функции, кај директорите покажало страв кој се однесува стриктно за нивните директорски фотелји, а не по нивниот живот.

    „Ова што се случи вчера нема да нè заплаши и да нè оттргне од идејата. Веројатно, директорите се во паника затоа што на наша страна се и другите служби, не само контролорите. Како прв чекор е депонирањето на оставки од денеска на сите оние контролори на летање кои имаат раководни и инструкторски функции, тоа се отприлика 20-30 луѓе кои ќе даваат оставки и овие се посебно од оние што си дадоа оставка“, кажа Тасевски.

    Антикорупциската комисија, Трудовата инспекција, а потоа и Финансовата полиција и Обвинителството треба да истражат во М-НАВ многу сомнителни постапки за вработување, за тендери, за реновирање гаража од 200 метри квадратни со скоро половина милион евра… и така натаму, смета претседателот на Синдикатот.

    „Ние нема да застанеме тука, притисокот што го прават создаде дополнителен револт. Зградата што ја гледате, односно не ја гледате, исчезна мистериозно, а беше во проектот и тендерската документација и требаше да се изведе. Наместо изградба на зграда, се реконструираше гаража од 280м2 за 400.000 евра. Ако некој смета дека ова е нормално, навистина имаме голем проблем“, ги повика Тасевски органите на откривање и тие на гонење  криминал да отидат конечно во М-НАВ.

    На последните огласи за вработување, педантно срочени да траат само седум дена, со викендот 10, а беше договорено најмалку две недели, за да ги видат сите професионалци и да конкурираат, експресно беа примени без селекција десетина луѓе. Оштетени се тие кои се одбиени, зашто им е ускратено правото на жалба, потенцираше Тасевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира