Досегашниот министер за образование Габриел Атал е назначен за нов премиер на Франција, ден откако Елизабет Борн поднесе оставка, додека претседателот Емануел Макрон се обидува да му даде нов поттик на својот втор мандат. Со 34 години Атал е најмладиот премиер во модерната француска историја, надминувајќи го Лоран Фабиус, кој имаше 37 години кога дојде на функцијата во 1984.
Атал ќе ја води владата во пресрет на важните избори за Европскиот парламент во јуни, додека анкетите ја ставаат десницата на Марин Ле Пен пред партијата на Макрон.
Тој оствари брз подем во политиката, почнувајќи како советник во министерството за здравство пред десет години. Атал е во граѓанско партнерство со европратеникот Стефан Сежурне, со што е првиот премиер на Франција за кој се знае дека е геј.
Новиот премиер е син на Ив Атал, адвокат и филмски продуцент со туниско потекло кој починал во 2015 и на Мари де Курис, која има православно потекло од Одеса.
Атал стана пратеник во парламентот во 2017 и таму се покажа како одличен говорник, што го привлекло вниманието на Макрон. На 29 години стана најмладиот член на владата во историјата на Петтата Република, а од 2020 беше портпарол на владата. По повторниот избор на Макрон, прво беше министер за буџет, а во јули го презеде образованието.