ОЏАЦИТЕ НА КУЌИТЕ ЧАДАТ И ТРУЈАТ, НО ЗА КАЗНА ТРЕБА СУДСКИ НАЛОГ

    ОЏАЦИТЕ НА КУЌИТЕ ЧАДАТ И ТРУЈАТ, НО ЗА КАЗНА ТРЕБА СУДСКИ НАЛОГСпоред сегашните законски одредби, овластените инспектори без судски налог не можат да им влезат во домовите и да исконтролираат кој на што се грее. (Фото: СДК.МК)

    „Оџаците чадат, смрди, не се дише, соседот кој знае што гори“. Ова се дел од поплаќите што можат да се чујат меѓу битолчани за врема на грејната сезона. Јавна тајна е дека има домаќинствата во Битола кои се греат користејќи отпад, паркети, стари дограми, гуми, стиропор и друго. Но, со сегашните закони остануваат недостижни за инспекторите за животна средина иако се трујат самите, но и околината.

    Според сегашните законски одредби, овластените инспектори без судски налог не можат да им влезат во домовите и да исконтролираат кој на што се грее. Законот за квалитет на амбиенталниот возудих им дозволува да ги исконтролираат инсталациите и правните субјекти во индустријата, оние со Б интергирана дозвола и оние за кои не е предвидено да добиваат еколошки дозволи.

    Така, во последниот два месеца од минатата година, кога воздухот во Битола беше најзагаден, не беше утврден ни еден случај на греење простории со недозволиви материјали.

    „Како овластен инспектор за животна средина, вршам надозор на инсталациите кои се опишани со член 4 став 1 точка 27 во Законот за квалитет на амбиенталниот воздух и се во моја надлежност пропишани со член 68 од истиот Закон. Во текот на ноември и декември 2023 година, кај овие инсталации не е утврдени никој да се грее на пластика или друг отпад. Во ноември и декември до Иснпекторатот поднесена беше само една пријава за наводно греење на отпад во станбен објект. Греењето во станбени објекти не е во моја на длежност, односно немам право да влегувам во приватни објекти и да утврдам дали некој се грее на пластика или други отпадни материјали“, одговори Јулијана Ивановска, овластен инспектор за живота средина при Општина Битола.

    Директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски, на прес-конференција изјави дека можат да постапуваат ако во нечии дворови се затекне отпад кој можно е да се употребува за горење.

    „Ние не можеме да влеземе во куќите без судски налог за да видиме кој што гори, но во дворовите доколку затекнеме отпад којшто планираат да го горат, имаме надлежност да постапуваме и овластените инспектори за животна средина и државните. Онаму каде што нема овластени, постапуваат државните инспектори за животна средина“, рече Стојковски.

    Од горење отпад се испуштаат суспендирани честички ПМ10 и ПМ2,5, како и јаглерод моноксид. Првите влијаат на појава на белодробно и кардиоваскуларни заболувања и рак, а јаглеродниот моноксид предивикува оштетување на нервниот систем, главоболки и замор.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира