Министерот за надворешни работи Бујар Османи, прашан како портпарол на ДУИ за коментар дека холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп го предупреди директно лидерот на партијата Али Ахмети за притисоците врз претседателката на Врховен суд Беса Адеми, одговори дека всушност ДУИ е вистинската адреса, бидејќи најмногу зборува за борба против корупција.
А холандскиот амбасадор вчера се сретна со Ахмети за да му каже дека за Холандија е неприфатливо да има политичко влијание врз претседател на Врховниот суд, како и дека има постојан пад на владеењето на правото во изминатите две години.
Во Врховниот суд доминираат судии Албанци, особено во кривичниот оддел, и сите станале врховни судии во време на владеење на ДУИ.
„Ова е продолжување на ставот на холандскиот амбасадор кој го кажа во неколку наврати, на многу интервјуа кон крајот на минатата година. Веројатно ДУИ е еден од оние кои што најмногу зборува за борбата против корупција, па се разбира дека ќе се бара поддршка од ДУИ. Во моите разговори со холандскиот амбасадор имаме две суштински, концептуални разлики. Тој смета дека ние можеме да постигнеме европски стандард на владеење на право и без преговори со ЕУ. Јас сметам дека ние не можеме да постигнеме европски стандард на владеење на право, без процес на преговори, тие два процеса се поврзани“, рече Османи.
Вчера амбасадата на Холандија соопшти:
„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети да му пренесе порака дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија на членството во ЕУ е во ризик ширум политичкиот спектар. Исто така, несоодветното политичко влијание врз позицијата на претседател на Врховен суд, што е судско прашање, е неприфатливо и ќе предизвика силна реакција од Холандија“.
Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК на 3 ноември се пожали дека има политички притисоци врз Врховниот суд за да овозможи враќање на експремиерот Никола Груевски од Будимпешта.
Веднаш по интервјуто, против неа беше поднесена иницијатива за разрешување во Судскиот совет, од страна на членот Миљазим Мустафа.
С. К. ДЕЛЕВСКА