Две лица се ранети од огнено оружје пред Ургентниот центар на Клиничката болница во Тетово. Засега полицијата соопшти дека се трага по пет лица кои се сомничат дека се вклучени во инцидентот.
Д-р Бобан Вучески, дежурен лекар во Тетовската болница, кажа дека едниот повреден беше во покритична состојба.
„Беше интервенирано од наша страна и со екипа од анестезија и реанимација е префрлен на скопските клиники. На вториот пациент, кој беше исто така повреден но во постабилна состојба, нашите торакални хирурзи му поставија торакален дрен за да се стабилизира, по што исто така е префрлен во скопските клиники Мајка Тереза“, рече д-р Вучески.
Пред Ургентниот центар екипи на СВР Тетово и Јавен обвинител вршат увид.
„Денеска околу 18 часот и 5 минути во СВР Тетово пријавено е дека пред влезот на Ургентен центар во тетовската Клиничка болница било пукано во две лица од тетовското село Гајре, кои се здобиле со прострелни рани. Служби на СВР Тетово и јавен обвинител се на лице место и се преземаат мерки за пронаоѓање на пет лица, кои се сомничат во врска со случајот. Инаку, на овој случај денеска, исто така, му претходела физичка пресметка помеѓу еден од ранетите и еден од осомничените за учество во пукањето. Се работи на расчистување на случајот“, соопшти портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
З. АНДОНОВ