Основниот кривичен суд Скопје му одреди домашен притвор и на осомничениот за насилниот упад во М-НАВ, кој вчера беше фатен од полицијата по осум дена во бегство, соопшти Јавното обвинителство.
Тој вчера беше уапсен на граничен премин и од обвинителството, од каде што бараа ефективен притвор за лицето, велат дека ќе се жалат на ваквата одлука.
Претходно, за четворица осомничени за истиот случај, судот првично одреди поблаги мерки на претпазливост, а по жалба на обвинителството ја преиначи одлуката во домашен притвор.
Во врска со насилниот упад во зградата на Контролната кула на Скопскиот аеродром на 4 јануари, кога беше физички нападнат контролор на летање, осум лица се осомничени за кривичното дело Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, вклучувајќи го и претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири, кој е и вработен во М-НАВ.
Тројца од осомничените сè уште се недостапни.