Украинската војска објави дека соборила руски воен шпионски авион, што, според аналитичарите, би бил сериозен удар за руската воздушна моќ. Шефот на армијата Валери Залужни изјави дека во „совршено планирана и изведена акција во регионот на Азовско Море“ биле уништени шпионски авион „бериев А-50“ и воздушен команден центар „иљушин ил-22“.
„Украинските воздушни сили уништија непријателски авион ‘А-50‘ за радарско детектирање со долг дострел и непријателски контролен центар ‘ил-22‘“, напиша Залужни на Телеграм.
„А-50“, кој влезе во употреба при крајот на советската ера, е голем авион за рано предупредување и контрола од воздух кој може да скенира област од неколку стотици километри и на тој начин да открива непријателски авиони, бродови и проектили. Украина вели дека еден ваков авион чини 330 милиони долари.
Не е познато колку авиони „А-50“ се моментално во служба. Според еден британски извештај, Русија имала девет активни авиони „А-50“ на крајот на 2021, од кои четири биле модернизирани за потребите на војната во Украина. Тој може истовремено да детектира 300 мети, вклучувајќи проектили лансирани од далечина од 800 километри.
Некои руски воени блогери велат дека уништувањето на ваков авион би била голема загуба за руските воздушни сили.
„Нема многу авиони ‘А-50‘, а ретки се и специјалисти кои можат да управуваат со нив“, напиша блогерот Рибар.