Министерот за земјоделие Љупчо Николовски вели дека нема влијание врз вработувањето на неговите внук и чичко во М-НАВ. Николовски денеска, одговарајќи на новинарско прашање како неговиот внук кој не успеал од првпат да го положи тестот, а претходно и неговиот чичко биле вработени во М-НАВ, рече станува збор за стручни кадри.
„Зар ова ви е најбитната тема наместо земјоделието кое е основа на македонската економија? Мојот чичко е вработен во М-НАВ уште пред јас да се родам. Зарем мислите дека некој што не е роден може да влијае на некој што стручно се усовршувал, работел и се вработил пред 1980-тите? Внукот е стручен кадар, школуван во Јапонија, во Кина и во Словенија, кој после 20 години се вратил во земјата и секој од нас треба да се бори да ги задржи младите дома“, рече Николовски по потпишувањето на договорот со шпанската фирма „Глобалтек“ за поставување пловечки фотоволтаични постројки.
Како што објави „Код“, во М-НАВ покрај роднините на Николовски, вработени се сестра на министерот за надворешни работи Бујар Османи, снаа на вицепремиерот Артан Груби, снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ Ејуп Аљими, внукот на советникот во М-НАВ Беким Незири, како и внук на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши.
Истражувањето на „Код“ доаѓа откако премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ги барањата на Синдикатото на контролорите на летање за оставки на раководството по нападот во Контролната кула на 4 јануари, кажа дека М-НАВ е станата како семејна фирма и дека таму се вработувале до трето колено.