ТРКИ СО МОТОРНИ ЧАМЦИ ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО Е ЕКО НАСИЛСТВО, ВЕЛАТ ЗА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ПОГРАДЕЦ НАД 50 НЕВЛАДИНИ И ИНСТИТУЦИИ ОД МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА

    ТРКИ СО МОТОРНИ ЧАМЦИ ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО Е ЕКО НАСИЛСТВО, ВЕЛАТ ЗА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ПОГРАДЕЦ НАД 50 НЕВЛАДИНИ И ИНСТИТУЦИИ ОД МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈАНевладините бараат да се откаже првенството и преку заедничка изјава ќе испратат реакција до УНЕСКО, но и до други надлежни институции во двете држави. (Фото: СДК.МК)

    Да се почитуваат законите во Македонија и Албанија со кои се штити Охридското Езеро и да се спречи одржувањето на трката со брзи моторни чамци од серијата „Формула 1“ планирана за јули оваа година во Поградец, оти таа претставува значителен ризик за неговиот деликатен екосистем и културното значење,  рекоа над 50 здруженија на граѓани, еколошки асоцијации и институции од земјава и соседна Албанија. Учесниците на денешната прес-конференција потенцираа дека во трките би учествувале глисери со голем капацитет чии мотори предизвикуваат физички, хемиски и биолошки промени во животната средина, следствено врз тоа и на живот свет во Охридското Езеро.

    Според директорката на Научната установа „Хидробиолошки завод – Охрид“, д-р Орхидеја Тасевска, можните несакани последици од одржувањето на еден ваков настан е еден своевиден акт на насилство врз животната средина.

    „Имаме многу основи за заштита на уникатното Охридско Езеро, а сепак сме доведени во ситуација да се бориме за неговата заштита, неговиот статус, меѓутоа и генерално за заштита на овој природен феномен, што навистина е недозволиво, затоа што претставува живеалиште кое егзистира повеќе од 2 милиони години, кое е жариште на биодивезитет. Жално е што краткорочните економски бенефити како потенцијалниот настан, всушност, го зголемуваат антропогеното влијание врз Охридското Езеро, односно нарушувањето на екосистемот и забрзаното стареење на овој природен екосистем“, вели Тасевска.

    Константин Здравески, претседател на Еколошкото здружение „Еко-менолог“ од Охрид, рече дека развојот на економијата и туризмот не треба да бидат по цена на губење на универзалните вредности на Охридското Езеро.

    „Оваа трка ќе се организира во литоралната зона на Охридско Езеро, која не е само место каде се мрестат рибите или гнездат птиците, туку е и место каде има најголем биодиверзитет и ниво на ендемизам. По крајбржјето на Охридското Езеро нивото на ендемизмот е од 30 до 80 проценти. Ние сакаме да влеземе со големи чамци и да им го нарушиме, уништиме, фрагментираме живеалиштето. Ова мора да се сопре. Не е место Охридското Езеро за организација на Формула 1 на вода. Како аргумент плус не сме први кои се бунат, имало иницијативи за организација на вакви трки низ светот но, биле откажани. Не можеме да зборуваме за заштита, не можеме да ги земеме атрибутите на УНЕСКО и сите десигнации онака како што ни одговараат. Економски развој и туризам да, но посебен вид на туризам преку одржливи практики“, рече Здравески.

    Невладините преку заедничка изјава ќе испратат реакција до УНЕСКО, но и до други надлежни институции во двете држави.

    „Околу 40 институции, универзитети, истражувачки институти, невладини организации се разочарани од оваа активност која треба да се организира во Албанија во Охридско Езеро. Македонската страна за жал нема информации, а пред седум месеци имале билатерален состанок на Комитетот. Зошто настанов кој е во Охридско Езеро не бил презентиран? Зошто не функционираат стуктурите што треба да го имплементираат Билатералниот договор кој го имаат Албанија и Македонија? УНЕСКО бара да дојде мониторинг мисија крајот на февруари или почеток на март и првата точка мислам треба да е оваа проблематика“, рече Аријан Мероли, претставник на Албанија во Билатераллниот комитет за заштита на Охридското Езеро.

    Според проценките направени од информациите достапни на интернет страницата на организаторот, а обработени од стручни лица од областа на заштита на животната средина, на настанот за време на одржување ќе бидат ослободени приближно 1.639.089 килограми јаглероден диоксид емисии во воздухот и езерото. Оваа количина на емисии, која ќе биде ослободена за неколку дена, е еквивалентна на емисија на стакленички гасови од 365 автомобили возени цела година. Исто така, ќе бидат потребни 4.300 м2 паркинг простор за да се сместат 43 тимови или 129-172 камиони; стартната платформа ќе биде изградена во езерото на длабочина од 20 метри каде што се наоѓа литоралната зона (местото за гнездење на рибите).

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира