Специјалното јавно обвинителство се откажа од обвинителниот акт за предметот познат во јавноста како „Пуч“, во кој обвинет е и лидерот на СДСМ Зоран Заев, од причина што фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои ова Јавно обвинителство располага и со наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“, соопшти предмалку СЈО.
Оттаму велат дека ваквата одлука е со цел да се приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување на правилна и законита јавнообвинителска одлука.
„СЈО со поднесок што во текот на денешниот ден ќе биде доставен до Основниот суд Скопје 1 Скопје, се откажа од обвинителниот акт за предметот познат во јавноста како „Пуч“ од причина што фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои ова Јавно обвинителство располага и со наодите во истражните постапки ‘Таргет’ и ‘Тврдина’.
Појаснуваме дека, во насока на професионално работење, ние не може да застапуваме обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаме и истрагите отворени од наша страна. Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот ‘Пуч’ ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен, туку сметаме дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа“, се вели во соопштението на СЈО.
Покрај Заев и Зоран Верушевски, кој е првообвинет, во случајот „Пуч“ обвинети се и неговата сопруга, Соња Верушевска, и Бранко Палифров, службеник во Општина Струмица.
Четворицата обвинети во „Пуч“ се товарат за шпионажа, насилство врз преставници на највисоките државни органи, неовластено прислушување и за тонско снимање.