Доколку се случи екстремно отстапување од очекуваните бројки на новозаболени деца со грип, може да се интервенира, но во моментов кривата на заболени не отстапува од онаа во изминатите години и нема потреба од одложување на почетокот на второто полугодие од учебната година, рече д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести кој денес учествуваше на стручна панел-дискусија во Битола.
Тој апелираше до граѓаните да не ги споредуваат сегашните состојби на грипот со ковидот од пред неколку години, бидејќи тогаш на дневна основа имаше и по 50 починати, а од инфлуенца сезонава починаа шестмина.
„Во 2021 на дневно ниво ни се случуваше да имаме и 50 жртви од ковид-19, немојте да го споредувате тогашниот ковид со денешниот грип. Денешниот ковид е резултат на три макотрпни години, кои здравствените работници ги издржаа на своите плеќи, за да можеме да дојдеме до оваа ситуација денес, а тоа е да немаме преполнети болници, да нема болни на кислородна поддршка и да не умираат луѓе од ковид. Процентот на луѓе кои стекнаа имунитет за овие три години преку процесот на викцинација е значително поголем од 2019 кога почна заболувањето и никој немаше имунитет. И не треба да се прават такви едноставни споредби меѓу групот и ковидот. Ковидот пред три години беше многу поагресивен, земаше многу повеќе жртви, денес како колектив имаме подобар имунитет“, рече д-р Мехмедовиќ.
Тој додаде дека редовна и задолжителна вакцинација против грип не постои, но е препорачлива за ризичните групи – повозрасните лица, бремените жени и децата од 2 до 5 години.
„Оваа сезона имаме 6 починати од грип, сите беа невакцинирани, а се во возрасната категроија на граѓани со коморбидитети, последната пациентка со 45 години имаше сериозни пропратни болести, таквите граѓани мора да бидат заштитени и да се вакцинираат“, додаде тој.
Годинава се набавени 70.000 вакцини против грип, а досега се аплицирани 60.000, достапни остануваат уште 10.000, па д-р Мехмедовиќ апелираше ризичните групи и здравствените работници да се вакцинираат.
Ж. ЗДРАВКОВСКА