Основното јавно обвинителство Скопје извести дека се лишени од слобода сите осум лица опфатени во истрагата за кривично дело – Загрозување на воздушниот сообраќај. Освен претходно уапсените пет лица, предлог за определување мерка притвор обвинителот поднел и за последните тројца уапсени. На двајца од нив судот им одредил куќен, а на Љ.Ќ. затворски притвор од 30 дена.
„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по жалба на Основното јавно обвинителство Скопје против решение на судија на претходна постапка со кое на 12.01.2024 година на Љ.Ќ за кој постои основано сомнение дека учествувал во настаните во М-НАВ, му определи мерка куќен притвор и дополнителна мерка за претпазливост – Одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, донесе решние со кое: Жалбата на Јавниот обвинител се уважува и на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена“, соопшти Кривичниот суд.
На 4 јануари, непосредно по прес-конференцијата пред седиштето на М-НАВ на Скопскиот аеродром, на претседателот на синдикатот Александар Тасевски, а зад кој застанаа голем број вработени и му аплаудираа, осумтемина насилници со две возила влегле во зградата. Нападнале вработени од албанска етничка припадност, затоа што застанале зад Синдикатот, а не зад партиските вработувања на ДУИ. Тие поминале 3 бариери на обезбедување – портата во дворот на М-НАВ, влезната врата во зградата каде што пристап имаат само тие што имаат електронска картичка и во контролната кула каде што нема можност за движење без придружба. Но, бандитите се движеле со Беким Незири од ДУИ, вработен во М-НАВ. (Тој прв доби куќен притвор).
Беким Незири е претседател на партискиот огранок на ДУИ во Чаир. Во време на владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беше на неколку високи политички функции, меѓу кои и како еден од директорите на М-НАВ, директор на Фондот за ПИОМ и министер за економија во Владата на Никола Груевски.
Според сведоци, Незири ги внел насилниците отворајќи им со неговата електронска картичка. Таму се случил физички напад на дел од нив, затоа што излегле да му дадат поддршка на Тасевски, но и да изразат протест против самоволието на менаџментот предводен од директорот Фахрудин Хамиди. Во контролната кула има сигурносни камери, но контролорите на летање веднаш направиле копии од снимките плашејќи се дека некој од менаџментот може да ги избрише. При сличен ваков инцидент во 2010, во кој напаѓач исто така бил Незири, снимките од сигурносните камери биле избришани.
Тие снимки паднаа во рацете на инспекторите од насилен криминал.
За нападот реагираа и странските амбасади, а некои од нив го покренале прашањето како овој напад би се одразил на безбедноста на воздухопловите на НАТО.
С. К. ДЕЛЕВСКА