Триесет дена притвор доби 28-годишен скопјанец кој на 18 јануари си ја убил баба му, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје, кое спроведе истражна постапка поради основано сомнение дека тој сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
„Осомничениот на 18 јануари, во семејниот дом во Ново Лисиче, при вршење семејно насилство, со умисла ја лишил од живот својата баба. Според првичните сознанија, тој ја нападнал удирајќи ја по главата и вратот, а потоа ја задушил“, велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор против осомничениот, бидејќи постои опасност тој да се даде во бегство, да влијае врз сведоците и вештаците или да изврши друго убиство. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.