Огромни маси луѓе во неделата повторно излегоа на улиците на германските градови за да протестираат против крајнодесничарската партија Алијанса за Германија (АфД) и нејзините ставови за имиграцијата.
Протестот во Минхен дури мораше да биде откажан откако се собраа 80.000 луѓе, па не можеше да се гарантира безбедноста, соопшти полицијата. Властите и организаторите очекувале да дојдат околу 25.000 луѓе, па биле ангажирани само 400 полицајци.
Многумина во Минхен носеа транспаренти со кои АфД беше споредена со нацистите и се осудуваше антиимиграциската реторика.
Во Келн, 70.000 луѓе се придружија на протестот, додека во Бремен се собраа меѓу 35.000 и 40.000 граѓани, каде што маршот беше поддржан од синдикати, политички партии, локални компании и фудбалскиот клуб Вердер. Протести имаше и во источните градови Котбус, Дрезден и Кемниц.
„Сите овие луѓе ни даваат храброст. Тие ги бранат нашата република и нашиот устав од нивните непријатели. Тие ја бранат нашата човечност. На улиците излегоа различни групи на луѓе, но сите тие застанаа против мизантропијата и десничарскиот екстремизам. Иднината на нашата демократија не зависи од обемот на нејзините противници, туку од силата на оние кои ја бранат“, изјави германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
Германија е преплавена од протести во изминатите денови откако минатата недела се дозна за состанок на крајната десница и неонацистите на кој се разговарало за план за депортации на милиони мигранти, баратели на азил, па дури и германски државјани со странско потекло кои не успеале да се интегрираат. На состанокот кој се одржал близу Потсдам во ноември присуствувале и високи функционери на АфД.
Во саботата, најмалку 300.000 луѓе протестираа на улиците на Франкфурт, Хамбург, Хановер и други германски градови. Вицеканцеларот Роберт Хабек кажа дека протестите се охрабрувачки знак за демократијата.