Поминаа осум години од убиството на 26-годишниот Димитар Матилоски од Охрид кој беше до смрт претепан за време на новогодишната ноќ во 2016 година, а убиецот, српскиот турист Бојан Угреновиќ од Краљево, сè уште е на слобода.
Тој не одлежа ниту еден ден од затворската казна од 16 години, оти по законскиот рок поминат во притвор во 2017 година, согласно Законот за кривична постапка, доби можност да се брани од слобода и оттогаш му се губи секаква трага.
Димитар беше претепан до смрт по банална вербална расправија на стотина метри од неговиот дом пред кафулето „Табана“ во стариот дел на Охрид.
За сторено кривично дело „убиство“, убиецот на Димитар Матилоски доби 16 години затворска казна, но Апелацискиот суд во Битола ја преполови, по што во декември 2019 затворска казна од 16 години повторно изрече Врховниот суд. Една година по ваквата одлука, во 2020 година судијката во охридскиот Основен суд Весна Кичеец, која го водеше случајот, беше разрешена поради несовесно и нестручно постапување а меѓународна потерница беше распишана дури четири години по бегството на Угреновиќ.
Мајката на Димитар, 70-годишната Драгица Матилоска учителка во пензија, обвинува за низа судски пропусти направени во Основниот суд Охрид и Апелацискиот суд во Битола. Осум години бара правда за нејзиниот син и преживува голгота исполнета со болка, тага, одење по судови и адвокатски канцеларии.
„По осум години убиецот е на слобода, а мојот син е на гробишта. За мене Нова година е најцрниот ден во животот оти токму на новогодишната ноќ мојот син беше свирепо убиен од српскиот турист Бојан Угреновиќ, му го скршил вратот. Судијката Весна Кичеец го осуди убиецот на 16 години затвор, но само на хартија. По една година притвор го пушти на слобода. Од Судскиот совет на судијката ѝ беше забранет влез во Судот, ја избркаа од работа, а јас после мојот работен век од училиштето излегов со гордо крената глава. Почивај во мир убаво дете на мама, мама ќе се бори правдата да победи“, вели мајката на убиеното младо момче.
Според неа, судиите од битолска Апелација кои судската пресуда од 16 години затворска казна ја намалиле на 8 години имале за цел да се затвори случајот, а убиецот во целиот судски процес во судница се појавил само еднаш.
Драгица вели дека ќе се бори до крајот на животот правдата да излезе на виделина. Бара извинување од газдата на кафулето „Табана“ пред кое се случи несреќата, од родителите на убиецот, од јавниот обвинител, од Основниот суд во Охрид кој, како што вели, не успеал да го спроведе осудувањето на 16 години затворска казна за убиецот на нејзиниот син како и од нејзиниот адвокат кој не укажал дека по една година притвор убиецот ќе биде пуштен да се брани од слобода.
„Од мојот адвокат сè до јуни 2023 година не беше напишана ни отштета, значи осум години нема напишано ни барање за отштета која не ја сакам за мене туку сакав да изградам спомен чешма каде живееше Димитар на која ќе пишува „Стоп за насилството“, кажува Драгица.
Таа од Судскиот совет бара да се преиспита целиот случај и тврди дека лекар од Судска медицина од Битола фалсификувал наод дека се работи за несреќен случај. Вели дека адвокатот на убиецот успеал да го ослободи, а сите останати не успеале да го стават во затвор.
„Во главата ми се вртат разни мисли, но не можам да поверувам дека е тоа така. Му се заблагодарувам на докторот Митре Милошески од Охрид кој даде точен наод, убиство“, вели таа.
Драгица утеха наоѓа во пишувањето и на тој начин се обидува да го зачува споменот на убиениот син. Нејзината петта по ред книга „Мојот живот после изгубен живот“ ќе излезе следната година. Средствата од продажбата на нејзиниот дневник се наменети за хуманитарни цели.
Извршувањето на казната за Угреновиќ од 16 години затвор застарува за 30.10.2059. По пронаоѓањето осудениот кој се бара со меѓународна потерница тој треба да биде спроведен во затворот во Прилеп.
С. ВРЕНЦОВСКА