ИЗБРАНА ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА СО ТАЛАТ ЏАФЕРИ ПРЕМИЕР, ВМРО-ДПМНЕ НЕ ГИ ПОДДРЖА СВОИТЕ МИНИСТРИ

    ИЗБРАНА ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА СО ТАЛАТ ЏАФЕРИ ПРЕМИЕР, ВМРО-ДПМНЕ НЕ ГИ ПОДДРЖА СВОИТЕ МИНИСТРИЏафери наведе дека приоритет на оваа влада ќе биде успешно организирање на слободни, фер и демократски избори на 24 април и на 8 мај. (Фото: К. Попов)

    Собранието со 65 гласа „за” ја избра техничката Влада со Талат Џафери како премиер. Во салата беа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, но не гласаа, иако во техничката влада имаат двајца претставници. Имаше 3 гласа „против”, воздржани немаше.

    Џафери во кусото експозе наведе дека приоритет на оваа влада ќе биде успешно организирање на слободни, фер и демократски избори на 24 април и на 8 мај, потоа продолжување на сите процеси кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со ЕУ и забрзаната европска интеграција, раст и развој на економијата, пораст на животниот стандард преку зголемување на минималната и просечната плата и пензиите во 2024 година, намалување на инфлацијата, и одржување на ценовната стабилност, директна поддршка на граѓаните и на компаниите во 2024 година, владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата.

    Кажа дека и за еден ден, и за 100 дена, честа да биде премиер на техничката Влада, за него е голема, но и одговорноста исто така.

    Прв заменик-премиер на владата и вицепремиер за европски прашања од денеска е Бојан Маричиќ, а Артан Груби останува министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

    Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ е технички министер за внатрешни работи, а сопартиецот Ѓоко Велковски е технички министер за труд и социјална политика.

    На досегашните места остануваат Кренар Лога – министер за правда, Бујар Османи- министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фатмир Меџити – министер за здравство, Јетон Шаќири – министер за озбразование, Ристо Пенов – министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска – министерка за култура, Азир Алиу – министер за информатичко општество и администрација, Благој Бочварски – министер а транспорт и врски, Каја Шукова – министерка за животна средина и Фатмир Битиќи, министер без ресор задолжен за економски прашања и Славица Грковска, министерка без ресор задолжена за политики за добро владеење.

    Следи нова собраниска седница денеска, на која треба да бидат изгласани дополнителните заменици министри, како и да се верификува мандатот на еден пратеник кој ќе дојде на местото на Талат Џафери.

    СДСМ го предложи Митко Бојмацалиев за дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, а досегашната министерка Јованка Тренчевска ќе биде дополнителна заменичка-министер во Министерството за труд и социјална политика.

    ВМРО-ДПМНЕ за дополнителна заменичка-министер за финансии ја предложи Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира