Речиси девет децении откако бил украден од фашистичкиот режим на Бенито Мусолини, италијанската влада ѝ го врати на Етиопија нејзиниот прв авион. Примопредавањето на авионот „Цехај“, именуван по ќерката на царот Хајле Селасие, се одржа денеска.
„Ова е ден за голема гордост на Етиопија бидејќи го славиме враќањето на ‘Цехај‘“, изјави етиопскиот премиер Абиј Ахмед.
Изграден во 1935 за време на владеењето на Селасие, авионот бил заеднички проект на германскиот пилот Лудвиг Вебер и етиопските инженери. Првиот лет кој траел седум минути го имал во декември 1935, поминувајќи околу 50 километри.
Според историчарите, авионот бил запленет и однесен во Италија во 1936, откако Мусолини ја окупираше Етиопија, тогаш позната како Абисинија. Авионот се чуваше во Музејот на италијанското воено воздухопловство и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето го опиша како „уникатен примерок“.
Лидерите и претставници на 45 африкански држави беа во Рим во понеделникот за да ги слушнат деталите од планот „Матеј“, со кој Италија сака да ги продлабочи своите врски со Африка и да го прошири влијанието.