СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ ЈА ПОТПИША ДОЗВОЛАТА ЗА ГРАДБА НА СПОРНАТА 17-КАТНИЦА СРЕДЕ БОЛНИЧКИОТ КОМПЛЕКС НА ВОЕНА БОЛНИЦА, ФИРМАТА „ЗСФ КОМ“ ПОЧНУВА ДА ГРАДИ

    СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ ЈА ПОТПИША ДОЗВОЛАТА ЗА ГРАДБА НА СПОРНАТА 17-КАТНИЦА СРЕДЕ БОЛНИЧКИОТ КОМПЛЕКС НА ВОЕНА БОЛНИЦА, ФИРМАТА „ЗСФ КОМ“ ПОЧНУВА ДА ГРАДИКако што стои на таблата, дозволата за градба е издадена на 18 јануари, а станала правосилна на 1 февруари. (Фото: Фејсбук)

    Градоначалникот Стевчо Јакомовски ја потпишал градежната дозвола за изградба на спорната 17-катница за 2.000 жители среде болничкиот комплекс на Воена болница во Скопје. Ова го објави инвеститорот на градбата „ЗСФ Ком“ кој денеска на градилиштето истакна табла на која стојат податоците за градба и одобрението за градба. Како што стои на таблата, дозволата за градба е издадена на 18 јануари, а станала правосилна на 1 февруари.

    Градоначалникот Јакимовски и службите во Општината три дена не одговараат на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК дали е потпишана и издадена дозволата за градба за оваа локација.

    Советничката група „Независни за Карпош“, уште кога беше издадено позитивно Конзерваторско мислење за оваа локација, го оспори пред повеќе интитуции бидејќи, како што рече, станува збор за криминалното одобрение издадено од бивш директор кој е во притвор како соучесник во злосторничко здружение. Но, досега ниту една институција не постапила по поднесените претставки за запирање во целост од негово извршување и барања за огласување на ништовно.

    „Eве ја фамозната дозвола која градоначалникот не ја издава, само ја потпишува и за која вработените во Oпштината немаат одговор. Свесни дека има процедура за поништување на конзерваторското мислење, смислено, ја издаваат. Им ги замислувам насмевките во моментов и гордеењето како ете ги зезнавме. Ако, смешкајте се, исто како советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ што молчат, Гром барем отворено си кажуваат“, вели Татјана Стојановска, советничка од „Независни за Карпош“.

    Парцелата каде ќе никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.

    Од институцијата најпрво имаше негативно конзерваторско мислење, но тогашниот директор Константин Димитровски не го потпиша. Потоа Димитровски потпиша ново, позитивно мислење, со кое се дозволи градба до Воена болница со што Општина Карпош може да даде градежна дозвола. Димитровски само неколку дена подоцна беше приведен за уривањето на хотел „Шар“ во Скопската стара чаршија.

    Во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат. Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово и со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.

    Инвеститори на парцелата 6.1 за изградба на спорната зграда се „ЗСФ КОМ ДООЕЛ“ и Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“.

    Деталениот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 05 е донесен во 2013, во претходниот мандат на градоначалникот Стевчо Јакимовски. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје и висина од 88 метри.

    САКАМДАКАЖАМ.МК информациите за спорното урбанистичко решение во Општина Карпош ги доби во пријава на алатката Пријави корупција и независно ги верификуваше.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира