КУМАНОВО ТРИ ГОДИНИ НЕМА ТЕАТАР, РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ОБЈЕКТОТ ЧИНИ 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА, А МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ОДОБРИ САМО 150 ИЛЈАДИ

    КУМАНОВО ТРИ ГОДИНИ НЕМА ТЕАТАР, РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ОБЈЕКТОТ ЧИНИ 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА, А МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ОДОБРИ САМО 150 ИЛЈАДИСо овие пари ќе се завршат само мал дел од работите додека останатото ќе чека во наредните години. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за култура одобри 150 илјади евра за да продолжи реконструкцијата на зградата на Театар Куманово, која започна пред три години, а за целосно завршување потребни се 2,5 милиони евра.

    Во програмата за изградба и реконструкција, санација и адаптација на постојаните објекти што ги користат националните установи од областа на културата за 2024, за изведба на работите за реконструкција на објектот на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово – зграда на театар, обезбедени се само 10 милиони денари. Со овие пари ќе се завршат само мал дел од работите додека останатото ќе чека во наредните години.

    „Како ќе се искористат средствата ќе добиеме насоки од проектантот, не можевме да планираме однапред, бидејќи не знаеме колку пари ќе добиеме. Најверојатно ќе се работи на замена на кровната конструкција, ќе се постават нови врати и прозорци, а ќе се изврши и подготовка за термоизолација на објектот“, вели директорот Сашо Тодоровски.

    Тој додава дека иако очекувал повеќе пари за оваа година, сепак е задоволен што покрај оваа година тие се влезени во програмата на Министертвото и за наредните две години за целосна реализација на проектот. Според одлуката на Владата, за 2025 се предвидени 60 милиони денари или околу 1 милион евра, а за во 2026 83,6 милиони денари или 1,4 милиони евра.

    „Информирани сме дека во следните две години ќе можеме со претходно барање во Министерство за култура во месец јануари да ги добиеме останатите средства кои се влезени и обезбедени во програмата на Владата“, вели Тодоровски.

    Реконструкцијата на зградата на Театар Куманово започна во август 2021 и требаше да заврши за три години, или до средината на оваа година, ако се одвојуваа доволно средства и се почитуваа роковите. Но, досега се вложени само 20 милиони денари.

    Додека државата споро ги дава парите, Куманово веќе три години нема театар. Двата ансамбла на македонски и албански јазик се сместени во просториите на Центарот за култура, во кој нема централно греење, поради што нема ни услови за редовен репертоар.

    „Очекувавме дека побрзо ќе заврши реконстукцијата. Лани ни одобрија само 50 илјади евра со оправдување дека е криза. Со ваквата динамика не го гледам крајот на реконструкцијата. Трета зима во Центарот за култура немаме услови за работа. Од крајот на октомври до крајот на април ние немаме сала и не можеме да играме“, вели актерката Кети Дончевска-Илиќ.

    Минатата година, на 75- годишнината од постоењето на Театар Куманово, актерите јавно го изразија своето незадоволство од бавната реконструкција на зградата.

    „Сакаме да укажеме на итноста и да не се пролонгира реконструкцијата на нашиот театар до недоглед. Театар Куманово сепак е национална институција која се занимава со продукција на култура, и како таква има право да работи и да се развива во нормална и здрава средина, рамо до рамо со другите државни театри во земјава, а Министерство за култура има обврска да ги обезбеди условите во кои истиот непречено ќе работи“, рекоа тогаш актерите.

    И публиката е лута што државата е неодговорна кон културните институции и што реконструкцијата ќе трае шест години, наместо да се заврши во најкраток можен рок.

    „Градот културно умира. Во моментот нема претстави, концерти, да не збориме за опера и балет или некој друг поголем културен настан како во другите градови. Никој нема разбирање за културата, секогаш приоритет е нешто друго. Со години не најдоа пари да го поправат парното во Културниот дом, а сега го растурија и театарот. Тажно е колку не се грижиме за нашата култура, и потоа се жалиме дека младите ни се иселуваат. Кој сака да живее во вакво сивило и апатија“, прашува револтирано кумановка.

    Театар Куманово е еден од најстарите културни институции во земјата, но со децении работеше во несоодветни услови. Сите предходни влади и министри на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ постојано ветуваа дека ќе го вратат сјајот на Кумановскиот театар, но никој не се нафати. Оваа влада влезе во проектот, што беше поздравено од граѓаните и вработените, но разочара со динамиката на релизација.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира