Тим научници и инженери слетаа на Антарктикот за да тестираат беспилотно летало што ќе им помогне на експертите да ги предвидат влијанијата на климатските промени. Автономниот авион ќе мапира области на Антарктикот кои досега биле недостапни за истражувачите. Претходно беше тестирано при екстремни временски услови околу највисоките врвови во Велс.
Неговиот прв експеримент ќе ги испита планините под ледена покривка за да предвиди колку брзо мразот би можел да се стопи и да придонесе за глобалнот зголемување на нивото на морето. Научниците сакаат подобро да го разберат Антарктикот, но тие се ограничени од постоечката технологија. Вообичаени се силните ветрови, температурите под нулата и ненадејните бури. Овие опасни услови, како и темните зими и потребата за транспорт на пилоти и големи количества гориво, го ограничуваат користењето на традиционалните авиони со екипаж.
„Британското истражување на Антарктикот“ го разви новото беспилотно летало со британската компанија „Виндрејсер“ за лесно да се поправи ако нешто тргне наопаку. Беспилотното летало беше тестирано во Ланбедр, Ејрери во Северен Велс -слично на времето и теренот на Антарктикот.
За време на вежбата со силни ветрови со дожд што го зафати аеродромот, инженерката Ребека Томи објасни дека дронот може да лета до оддалечените области без грижа за безбедноста на пилотите. Може да носи 100 кг товар до 1.000 км. Инструменти, вклучувајќи радар и камери, се поставени во задниот дел на дронот и на неговите крила. Рутата на авионот е програмирана и инженер го следи летот од компјутер.
Ребека Томи ќе управува со дронот од базата Ротера на Антарктикот, но на крајот „Британското истражување на Антарктикот“ се надева дека ќе може да го лета од Британија. Исто така, троши многу помалку гориво од традиционалните авиони – 10 барели во споредба со 200 на еден истражувачки лет – со што се намалува влијанието врз животната средина на научните истражувања на планетата.