Италијанските сенатори ќе расправаат за план предложен од десничарската влада кој предвидува декриминализирање на злоупотребата на службената положба, одлука која предизвика тензии во ЕУ и грижи за можно вклучување на мафијата во јавниот сектор. Ова кривично дело сега се казнува со најмногу четири години затвор.
Според министерот за правда Карло Нордио, ова кривично дело е премногу нејасно и ги обесхрабрува локалните политичари и државните службеници да потпишуваат проекти поради стравувањата дека ќе завршат под истрага и ќе предизвикаат економска штета за граѓаните.
„Укинувањето на ова кривично дело може да го зголеми ризикот од инфилтрација на мафијата во јавниот сектор. Бидејќи е сигурен дека нема да се соочи со кривичното дело злоупотреба на функцијата, еден градоначалник може да додели јавен проект на роднина, пријател, па дури и на пријател од мафијата“, вели Џузепе Инцерило, адвокат од Палермо.
Предлогот предизвика вознемиреност и во Брисел, кој порача дека со него би се декриминализирала важна форма на корупција. Ова кривично дело постои во 25 од 27-те членки на ЕУ.
Според податоците на министерството за правда, 96% вакви случаи во Италија не завршуваат на суд, туку со затворање на истрагата против обвинетиот.