ШТИПЈАНЕЦОТ ПАНЧЕ ЕФРЕМОВ СЕДУМ ГОДИНИ ЖИВЕЕ САМ БЕЗ СТРУЈА И ВОДА, СО 5.000 ДЕНАРИ СОЦИЈАЛНА ПОМОШ

    ШТИПЈАНЕЦОТ ПАНЧЕ ЕФРЕМОВ СЕДУМ ГОДИНИ ЖИВЕЕ САМ БЕЗ СТРУЈА И ВОДА, СО 5.000 ДЕНАРИ СОЦИЈАЛНА ПОМОШБарем, да имаше улично осветлување, вели Ефремов за трошната куќа. (Фото: СДК.МК)

    Во трошна куќа во штипското Кумлак Маало живее 58-годишниот Панче Ефремов, кој повеќе од седум години е без струја и без вода, и со социјална помош од 5.000 денари.

    „Социјалната помош варира, некогаш земам 4.700, некогаш повеќе па друг месец пак помалку, но што може да се стори со таква социјална помош? По смртта на родителите и сестра ми останав да живеам сам, но не можев да ги плаќам сметките, па струјата и водата повеќе од седум години ми се исклучени, па дури сум даден и на суд. Барем, да имаше улично осветлување“, вели Ефремов, поранешен инкасатор за вода.

    Во 1991 како инкасатор работел со договор и тоа само шест месеци по што добил отказ. Пробал да работи на други места, но вели, сфатил дека нема вработување без партиска определеност.

    „Иако имам здравствени проблеми со простатата, сепак работам колку што можам во соседството кога ќе ме викнат нешто да им помогнам, па прекарувам со нивниот подарок што ми го даваат. Среќен сум ако имам еден оброк на ден и тоа сув, затоа што покуќнината е дефектна. Сега и да имам струја, нема да можам да го вклучам шпоретот оти и тоа е расипано“, вели Ефремов.

    Неговиот непосреден сосед Васко Тасков, вели дека Панче е многу мирен и скромен човек. Не знае да побара, а секогаш излегува во пресрет кога ќе го повикаат за нешто да им помогне.

    „Малата куќарка му е во распаѓање, па мораме нешто да сториме да се обезбедат средства за нејзино реновирање. Колку можеме ние му помагаме со пари, храна и облека, но тоа не е тоа, институциите мора да поведат повеќе сметка за вакви социјални случаи“, велат останатите соседи на Ефремов кои се надеваат и на хуманитарна помош од луге и општествено одговорни компании.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира