БИТОЛЧАНЕЦОТ ТОМЕ ЛОЗАНОВСКИ НА 76 ГОДИНИ ПО ШЕСТИ ПАТ ЌЕ ГО ИСКАЧУВА МОН БЛАН, А СЕКОЈ ВИКЕНД ГО ОТВОРА ПЛАНИНАРСКИОТ ДОМ „НЕОЛИЦА“

    БИТОЛЧАНЕЦОТ ТОМЕ ЛОЗАНОВСКИ НА 76 ГОДИНИ ПО ШЕСТИ ПАТ ЌЕ ГО ИСКАЧУВА МОН БЛАН, А СЕКОЈ ВИКЕНД ГО ОТВОРА ПЛАНИНАРСКИОТ ДОМ „НЕОЛИЦА“Лозановски Ова лето по шести пат ќе го искачува Мон Блан, највисокиот врв во Западна Европа. (Фото: СДК.МК)

    И на снег, дожд, ветер, на високи и ниски температури, битолчанецот Томе Лозановски (76) заедно со колегата Славе Петрески (74) секој викенд и празник го отвораат планинарскиот дом „Неолица“ на 1.440 метри надморска височина на планината Баба. Тие со години се грижат и го одржуваат домот. Обезбедија средства и ги променија терасата и покривот, го поправија водоснабдувањето и активно учествуваа во градежните работи врз објектот. Преку зима во шест часот, а на лето и порано, од рани мугри тргнуваат за да ги отворат вратите на домот.

    И денес, 80 проценти од лицата кои доаѓаат во домот се поранешни негови ученици. (Фото: СДК.МК)

    Другите планинари знаејќи дека двајцата се ранобудници, веќе се навикнаа околу 8 часот да доаѓаат на топол чај во „Неолица“. Искачувањето од битолското село Лавци до домот трае од час до час и пол, во зависност од кондицијата, а дел од патот е доста стрмен.

    „Планинарското друштво ‘Ѓорги Наумов’ беше оформено од некогашната фабрика за ладилници ‘Фрижидери’ од Битола во 1960 година. Потоа го направија и планинарскиот дом на Неолица. Ова отсекогаш беше место со голема фреквенција на движење. Порано и се скијавме тука. Немаше дрвја, потоа со текот на времето местото се пошуми. Со затворањето на фабриката, бидејќи и техничкото училиште го носеше името ‘Ѓорги Наумов’, дојдоа од управата и на директорката ѝ предложија школото да ги преземе клубот и домот. Така, јас од 2009 година станав претседател на клубот кој стопанисува со домот“, вели Лозановски.

    Сум ги искачил повеќето планини во поранешна Југославија, Бугарија и Грција, вели Лозанвски. (Фото: Приватна архива)

    Тој во Средното техничко училиште беше наставник по физичко воспитание. Ги поттикнуваше учениците да планинарат, ги носеше во домот, организираше обуки за движење, опасности на планина, укажување прва помош и друго. И денес, 80 проценти од лицата кои доаѓаат во домот се поранешни негови ученици.

    „Тоа беше и целта, да им се всади љубовта кон планинарењето. Сега е штета што не се поттикнува таа активност кај учениците“, вели Лозановски.

    Фотографија од рис снимен на Неолица стои во домот. (Фото: СДК.МК)

    Активноста на двајцата планинари ги воодушевува битолчани. Од 2009 наваму, тие го отвораат домот секој викенд и празник, освен кога не се на некоја друга планина. Лозановски пет дена во неделата е физички активен. Планинари, преку лето плива, вози велосипед, на зима скија. Ова лето по шести пат ќе го искачува Мон Блан, највисокиот врв во Западна Европа.

    „Планинарам со децении. Сум ги искачил повеќето планини во поранешна Југославија, Бугарија, Грција. На Олимп сум бил околу 30 пати, на Мон Блан пет пати, а летово резервирав, веќе длабоко навлезен во 76 година, да го искачам Мон Блан по шести пат. Тоа ќе биде на 11 август. Активнен сум уште, скијам, пливам, кајакарам, возам велосипед. Неделно најмалку двапати, во сабота и недела сум на Неолицаа, а понекогаш и во делник ако има работа во домот. Освен еден до два дена во неделата одмор, другите ми се со активности. До 60 години ги трчав сите маратонски планински трки“, додава Лозановски.

    Томе и колегата Славе Петревски преку зима во шест часот, а на лето и порано, од рани мугри тргнуваат за да ги отворат вратите на домот. (Фото: СДК.МК)

    Во поранешна Југославија беше познат и како тренер на југословенската екипа на Игри без граници што се одржаа во 1981 во Сандерленд, Англија, а целиот тим беше создаден од битолчани.

    „Имавме многу добар успех. Кога влеговме во салата каде беа другите репрезентации, почнавме да пееме песни и се подигна атмосферата. Другиот ден сите сакаа да патуваат со нас со автобусите до местото за тренинг. И сите ги победивме. Јас направив екипа само од Битола, 12-мина. Три месеци имавме подготовки, од Белград ни пуштија два контејнера опрема. По игрите, кога слетавме со екипата во Југославија, царинарниците не сакаа ни да нѐ претресат, рекоа ‘вие го одбранивте лицето на Југославија’“, вели Лозановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира