Наместо до вечерва на полноќ, возачките дозволи со „Република Македонија“ ќе може да се заменат до 31 декември 2024, откако Собранието попладнево ги усвои законските измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Според измената во Членот 5 на Законот, „Возачките дозволи и возачките книшки, кои го содржат натписот ‘Република Македонија’ издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во возачката дозвола, најдоцна до 31 декември 2024 година“.
Доцна попладнево, претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Пендаровски ја поздрави одлуката на пратениците „кои денеска ги ставија интересите на граѓаните над дневната политика и донесоа решение за возачките дозволи“.
Законските измени се на предлог на пратениците Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов, а на 114 пленарна седница беа поддржани од сите пратеници присутни во салата, односно со 89 гласа „за“ и без ниеден „воздржан„ и „против“.
Итната промена на Законот дојде откако вчера Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека возачките дозволи во кои не е новото уставо име Северна Македонија нема да важат после 12 февруари ни во земјава. Притоа, МВР предупреди дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета.
Оваа одлука беше според претходната промена на Законот за безбедност во сообраќајот од 1 јуни 2021 согласно обврските од Преспанскиот договор со Грција, според која рокот на важење на возачките дозволи без Северна беше најдоцна до 12 февруари 2024. Сепак, многумина граѓани велат дека иако ги регистрирале колите дури во декември 2023, сепак или не им биле сменети сообраќајните дозволи, или па им биле издадени нови без „Северна“.
Од денеска во станиците за технички преглед почна распределбата на бесплатните налепници НМК за регистерските таблички. Може да се добијат во станиците за технички преглед, каде треба да отиде со возилото и сообраќајната дозвола и контролор од станицата за технички преглед ќе залепи налепница на регистерските таблици.
Од МВР вчера соопштија и дека од ноќеска на полноќ престануваат да важат пасошите со името Република Македонија и во важност ќе бидат само пасошите со името Република Северна Македонија.
„Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, потенцираме дека било кој граѓанин на Република Северна Македонија кој ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа“, вели МВР.