Претседателот на Алијанса за Албанците (АА) Арбен Таравари денеска објави дека ќе биде кандидат за претседател на државата, на заедничка прес-конференција со лидерите на Беса Билал Касами, на Алтернатива Африм Гаши и на Демократско движење на Изет Меџити.
На плоштадот во Гостивар, во градот каде што е градоначалник, Таравари рече дека неговата кандидатура е предлог на Претседателството на АА, со поддршка од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата Европски сојуз за промени (ЕСП).
„Дојде време државата да има претседател Албанец, не технички, туку вистински“, рече Таравари.
Тој додаде дека ќе се кандидира со собирање 10.000 потписи, за кои рече дека ќе ги собере за два дена.
Во неговата партија АА во тек е внатрепартиски судир меѓу него, акко актуелен претседател и поранешниот претседател Зијадин Села. Поради конфликтот, минатата недела беа разрешени двајца од тројцата министри на АА во техничката влада, кои се од крилото на Таравари и беа заменети со кадри на Села.
Причина за судирот е тоа што Таравари е за заеднички настап со опозициската албански партии на претстојните избори, додека Села е за самостоен настап.
Вчера, претседателот на Собранието Јован Митрески ги распиша претседателските и парламентарните избори. Првиот круг од претседателските избори е закажан за 24 април, а на 8 мај ќе се одржат вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори.