РУСКИОТ ОПОЗИЦИОНЕР АЛЕКСЕЈ НАВАЛНИ ПОЧИНА ВО ЗАТВОР

    РУСКИОТ ОПОЗИЦИОНЕР АЛЕКСЕЈ НАВАЛНИ ПОЧИНА ВО ЗАТВОРНавални служеше 19-годишна затворска казна (Фото: АП)

    Алексеј Навални, најзначајниот опозициски лидер во Русија во изминатата деценија, почина во затвор, објавија руските медиуми, цитирајќи ги затворските служби. Навални (47), кој важеше за најжесток критичар на Владимир Путин, служеше 19-годишна затворска казна, што многумина го сметаа за политички мотивирано.

    Тој неодамна беше префрлен во една од најстрогите руски казнени колонии, сместена над Арктичкиот Круг.

    Затворските служби кажаа дека на Навални му се слошило откако денеска бил на прошетка.

    „Тој речиси моментално изгуби свест. Затворскиот лекар ја потврди неговата смрт“, објавија тие, додавајќи дека се испитува причината за смртта.

    Своевремено националистички политичар, Навални помогна да се поттикнат протестите во Русија во 2011/12, така што водеше кампања против изборна измама и владина корупција, го истражуваше најтесниот круг луѓе на Путин и ги споделуваше своите откритија во видеа кои собраа милиони прегледи.

    Голем момент во неговата политичка кариера дојде во 2013, кога освои 27% гласови на изборите за градоначалник на Москва.

    Во следните години, тој продолжи да му прави проблеми на Кремљ, откривајќи голема лична палата на Путин на брегот на Црното Море, како и вили и јахти користени од бившиот руски претседател Дмитри Медведев.

    Во 2020 падна во кома откако беше отруен во Сибир со нервниот агенс новичок, по што беше префрлен на лекување во Германија, каде што му го спасија животот. И покрај сите закани, тој се врати во Русија во јануари 2021, при што беше уапсен уште на аеродромот под обвинение дека ја прекршил условната слобода. Оттогаш постојано беше во затвор, при што казната му се зголемуваше додека властите му додаваа нови обвиненија.

    Откако во август доби уште 19 години затвор за основање и финансирање на екстремистички организација и активности, Навални на крајот на минатата година беше префрлен во еден од најзафрлените затвори во Русија, 65 километри северно од Арктичкиот Круг.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира