Фронтменот на „Колдплеј“ Крис Мартин на неодамнешниот концерт во Тајланд на публиката ѝ кажа дека многу искрено посакува да настапи во Кина.
„Ветувам дека еден ден ќе настапиме во Кина. Не се откажуваме. Кина ја обожава ‘Колдплеј’“, ѝ рече Мартин на веселата толпа по што тие го поздравија со врисоци.
Мартин уште во ноември на концертот во Токио на публиката ѝ кажа дека бендот нема одобрение од кинеските власти да настапува таму.
„Знаете, не можеме да добиеме дозвола (да свириме во Кина)“, ѝ рече тој на публиката. „Го молам универзумот, дозволи ни да настапиме во Кина“, рече музичарот.
Кинеската музичка индустрија брзо се издигна и стана една од најголемите во светот во изминатата деценија, а на некои странски музичари им останува цел во кариерата да одржат концерт таму.
Крис Мартин и „Колдплеј“ не се единствени кои сакаат да свират пред кинеската публика. И други ѕвезди, како Џон Бон Џови, изминативе години кажуваа дека се заинтересирани за турнеја низ земјата. Во 2015, фронтменот на „Бон Џови“ зеде часови по пеење на кинески за да ја обработи познатата кинеска љубовна песна за Денот на вљубените, но организаторите во Кина му ги откажаа концертите.