Руските истражители и натаму ја немаат утврдено причината за смртта на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, изјави неговата портпаролка Кира Јармиш, откако затворските служби во петокот кажаа дека тој починал по прошетка во една од најстрогите казнени колонии во Русија. Со неговата смрт, руската опозиција го изгуби својот најхаризматичен и најхрабар лидер во периодот кога Владимир Путин се подготвува за избори на кои се очекува да освои нов шестгодишен мандат.
Западот и приврзаниците на Навални ги отфрлија наводите на затворските служби дека тој ненадејно изгубил свест и починал. Сите западни лидери, меѓу кои и Џо Бајден, кажаа дека Путин е одговорен за смртта на Навални.
Мајката на Навални, Људмила, изјави дека во затворот ѝ рекле дека тој починал од „синдром на ненадејна смрт“, неодреден термин кој се користи за различни срцеви заболувања кои завршуваат со смрт. Таа ја посетила мртовечницата во арктичкиот град Харп каде што наводно се наоѓа телото на Навални, но не ѝ било дозволено да го види.
Јармиш кажа дека 69-годишната мајка на Навални и неговите адвокати биле информирани дека официјалната проверка на причината за смртта е продолжена и дека не е јасно колку време ќе трае.
„Причината за смртта е неодредена“, изјави Јармиш, обвинувајќи ги руските власти дека лажат и купуваат време.
Иако руските власти ги предупредија граѓаните да не излегуваат на протести по смртта на Навални, полицијата уапси повеќе од 400 луѓе на настани кои се одржаа во 32 града низ земјата, од кои половина во Санкт Петербург.