Шпанска винарија пријави загуба од над два милиона евра откако неидентификувано лице влегло внатре и испуштило 60.000 литри вино. Од винаријата „Кепа 21“ кажаа дека истуреното вино припаѓа на два од нивните најскапи вида.
Инцидентот се случил во неделата во 3:30 часот и полицијата отвори истрага. Претставник на винаријата изјави дека се чини дека натрапникот добро знаел што прави.
Снимки од надзорна камера покажуваат човек со качулка кој се движи меѓу резервоарите и брзо ги отвора, предизвикувајќи истекување на виното.
„Многу е тешко да се отворат резервоарите без претходно знаење, тоа вклучува и безбедносни механизми. Затоа претпоставуваме дека натрапникот знаел како се отвораат вакви резервоари. Тој лесно се движи низ темницата и изгледа дека добро го познава теренот“, кажаа од винаријата, која се наоѓа во мало село во северозападна Шпанија.
Натрапникот отворил пет резервоари, од кои три биле полни со вино.