Товарен брод се заби во мост во јужниот кинески град Гвангжу, при што пет возила, вклучувајќи автобус, паднаа во реката и на бродот. Во несреќата загинале најмалку двајца луѓе, а уште тројца се водат како исчезнати.
Снимки од државната телевизија „ЦЦТВ“ покажуваат дека дел од мостот е урнат, со заглавен брод под него. Бродот не носел товар кога удрил во мостот.
Капетанот на бродот е приведен, а луѓето кои живеат во околината се евакуирани.
Во 2021, регионалните власти заклучиле дека има потреба од изградба на „објекти за избегнување судир“ на мостот за да се обезбеди неговата структура. Процедурата требало да биде завршена во септември 2022, но рокот трипати бил продолжуван, последно до август 2024.
Гвангжу лежи на делтата на Бисерната Река и е едно од најпрометните пристаништа во внатрешноста на Кина.