ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО ЈОВАН МИТРЕСКИ ПОЗДРАВЕН СО СТОЕЧКИ АПЛАУЗИ ВО УКРАИНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ НА ВТОРАТА ГОДИШНИНА ОД РУСКАТА ИНВАЗИЈА

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО ЈОВАН МИТРЕСКИ ПОЗДРАВЕН СО СТОЕЧКИ АПЛАУЗИ ВО УКРАИНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ НА ВТОРАТА ГОДИШНИНА ОД РУСКАТА ИНВАЗИЈАНа децата во Украина им е одземено безгрижното детство, уништено е огромно историско и културно наследство, нанесена е огромна штета на економскиот напредок и просперитет на оваа убава земја“, зборуваше Митрески пред Врховната рада во Украина (Фото:Јутјуб Собрание)

    На двегодишнината од руската агресија врз Украина, претседателот на Собранието Јован Митрески, кој ја предводи и парламентарната група за соработка со нападнатат и разрушена земја, беше прекинуван и испратен со стоечки аплауз додека зборуваше денеска во украинскиот Парламент.

    На почетокот кажа дека е тажен, затоа што Украина како независна земја која сака да оди по својот независен и европски пат, беше цел на сурова агресија од страна на Русија.

    „Македонија е свесна колку е тежок патот за создавање на сопствена држава со целосен територијален суверенитет и интегритет, и токму затоа знаеме колку е важно да добиете поддршка во создавање на силен отпор и непоколебливост пред агресорот за да ја зачувате сопствената држава. Страдањата на Украина ја обедини Европа, го обедини светот, кој на Украина ѝ даде безрезервна поддршка од секаков аспект, воена, логистичка, морална“, кажа Митрески.

    Точно две години Украина, но и сите демократски сили во Европа и во светот, рече тој, живеат со ужасите што ги предизвика и сѐ уште ги предизвикува Русија со нејзината со ништо непредизвикана целосна агресија не само врз земјата, туку и врз украинскиот народ.

    „Илјадници Украинци се жртви на оваа грозоморна агресија, милиони Украинци се раселени и внатре во земјата и низ Европа, на децата им е одземено безгрижното детство, уништено е огромно историско и културно наследство, нанесена е огромна штета на економскиот напредок и просперитет на оваа убава земја“, зборуваше Митрески.

    Тој смета дека поддршката за Украина е поддршка за зачувување на мирот во Европа, но и во светот.

    „Бидејќи ако заедно не се спротивставиме и ако не ја победиме оваа агресија, агресијата ќе нѐ стигне сите нас, независно дали тоа ќе биде на конвенционален или на неконвенционален начин. Затоа е неопходно сите демократски сили да останеме заедно, како што сме од првиот ден на агресијата за да може не само Украина, туку и цела Европа, да живее во просперитет и мир и да мисли на благосостојбата на нејзините граѓани. Тоа ќе биде највредното нешто што може да им го оставиме на следните генерации. Животот во мир и натпревар во знаење, економија, уметност“, кажа спикерот Митрески.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира