Министерството за внатрешни работи соопшти дека граѓаните на Град Скопје од денеска (25 февруари) можат да го проверат статусот на нивниот пасош, односно дали истиот е во процес на изработка или е изработен и може да се подигне.
Ова се однесува на граѓаните кои се фотографирале во редовна постапка на пунктовите „Пролет“ и „МТВ“. Системот дава информации само за граѓаните кои се фотографирале од први јануари годинава.
Од МВР велат дека со оваа функција значително ќе се придонесе кон намалување на гужвите кои се создаваа бидејќи граѓаните беа приморани да чекаат и по неколку часа само за да се информираат дали нивниот пасош е изготвен.
Оттаму додаваат дека во тек е надградување на овој систем со цел да се овозможи ваквата проверка да биде достапна и за останатите пунктови, како и за статусот на личните карти.
Проверката може да се направи на следниот линк: termin.mvr.gov.mk/document_status